Претседателот Митрески се обрати пред Врховната Рада на Украина

Сподели

 

Претседателот на Собранието на РС Македонија, Јован Митрески, на покана од претседателот на Врховната рада на Украина Руслан Стефанчук, претстојуваше во еднодневна посета на Украина, на настаните посветени на втората годишнина од почетокот на руската воена агресија од големи размери на територијата на Украина. Во рамките на посетата, тој се обрати на специјалната седница на Врховната рада на Украина.

 

 

Во своето обраќање пред украинските пратеници и високите гости, претседателот Митрески ја потврди цврстата, недвосмислена и решителна поддршка и солидарност за Украина, украинските институции и украинскиот народ и нагласи дека граѓаните на РС Македонија се, и остануваат со граѓаните на Украина за сета помош и поддршка што е неопходна.

„Денеска, на 24 февруари, сме овде во Кијив за да испратиме силни пораки за мир, разбирање, толеранција и почитување на другиот, но во исто време да испратиме исто толку силна порака дека демократскиот свет е обединет во поддршката на Украина во борбата за правда, одбрана на нејзината територија и одбрана од империјалните апетити на нејзиниот сосед“, истакна Митрески. Тој оцени дека руската агресија врз Украина е предупредување за сите дека мирот, независноста и слободата не треба да се земаат здраво за готово. „Но, сето ова зло, сета оваа неправда, не го уништи духот на Украина, не ја уништи волјата на храбриот украински народ да се спротивстави на оваа агресија и да се бори за територијалниот суверенитет на сопствената држава и за сопствената независна и слободна иднина“, додаде тој.

 

 

Митрески изрази цврсто уверување дека, како и досега низ историјата, демократските вредности ќе ја победат агресијата, а соработката ќе се насочи кон разговори за  подобар животен стандард, просперитет и развој, културна соработка и размена.

“Денеска, на 24 февруари, сме овде во Кијив за да испратиме силни пораки за мир, разбирање, толеранција и почитување на другиот, но во исто време да испратиме исто толку силна порака дека демократскиот свет е обединет во поддршката на Украина во борбата за правда, одбрана на нејзината територија и одбрана од империјалните апетити на нејзиниот сосед.

Оваа агресија врз Украина е предупредување за сите нас дека мирот, независноста и слободата не треба никој од нас да ги зема здраво за готово. И токму затоа изминативе две години демократскиот свет се обедини и силно застана зад Украина и украинскиот народ во одбрана на нивниот територијален суверенеитет и интегритет.

Затоа сите земји од овој демократски блок се организираа да ѝ достават воена помош на Украина, во оружје и муниција, за да може да се одбрани од руската агресија. Како и економска помош за да се амортизираат негативните економски ефекти од војната. 

 

 

Во исто време, демократскиот свет ја изолираше Русија, осудувајќи го нејзиното лидерство како единствено виновно за агресијата. Беа воведени повеќе пакети санкции, врз политичари, бизнисмени, економски ентитети и различни функционери. Нови пакети санкции допрва следуваат.

Ја користам оваа можност, да ја пренесам пораката дека граѓаните на Република Северна Македонија се со вас, и остануваат со вас за сета помош и поддршка што е неопходна во рамките на нашите можности. Би сакал да ја пренесам нашата цврста, недвосмислена и решителна поддршка и солидарност за Украина, украинските институции и украинскиот народ,”- изјави претседателот на Собранието Митрески.