Претседателот Пендаровски со честитка: За многу години Илинден!

Сподели

 

Претседателот Пендаровски на одбележување на 2 Август, во Меморијалниот центар на АСНОМ во Пелинце упати честитка до сите граѓани на Република Северна Македонија.

 

 

“Денеска, на нашиот најсветол празник Илинден се потсетуваме на генерациите кои се изборија за двете наши републики – Крушевската во 1903-та и АСНОМ-ската во 1944-та година.

Водени од прогресивни идеи за политичка слобода и социјална правда, младите беа вистинските двигатели на двата Илиндена. Младите први се кренаа во борба против фашизмот и станаа најборбеното јадро на народноослободителната војска. Самиот АСНОМ, пред сè, беше заседание на младите. Ние денес имаме слободна македонска држава,  благодарение на младите од илинденската и од антифашистичката генерација.

Младите се клучни за каква било општествена трансформација, од народни востанија и револуции, па сè до креирање политики и спроведување реформи.

Но, за да ги мотивираме младите да останат и да се вклучат во изградбата на европска Македонија, мора со европски реформи да ја градиме нашата држава како праведна и прогресивна република во која македонските граѓани ќе имаат пристоен живот, добро образование, квалитетно здравство, ефикасен правен систем што ќе ги искоренува криминалот, корупцијата и непотизмот. Токму европската интеграција ќе ни помогне да го оствариме овој витален национален интерес. Затоа, мора без одлагање да ги надминеме разликите, да се сплотиме околу итно започнување на преговорите и да престанеме да им го трошиме времето на младите. Бидејќи, ако ја пропуштиме и оваа шанса, ќе го изгубиме виталниот дел од македонското општество.

Драги сограѓани,

Тешко е да се стекне слободна држава, но уште потешко е да се изгради и одржи слободно и праведно општество. Додека првото е дело на една генерација, второто станува обврска на сите наредни поколенија. Затоа, да се сплотиме за иднината на младите и сите заедно да градиме европска, а не емигрантска македонска држава.

За многу години Илинден!” – им посака на граѓаните претседателот Пендаровски.