Вести Свет Ударни вести

Претседателски и 27. парламентарни избори во Турција

Во Турција денеска се одржуваат предвремени претседателски и парламентарни избори на кои гласачите ќе изберат претседател и нов состав на Големото народно собрание на Турција, јавува Anadolu Agency (AA).

Вкупно вкупно 180.065 избирачки места во цела Турција се отворени во 8 часот, а затворањето е најавено за 17 часот по локално време. Ова се првите избори на кои избирачките места се отвораат и се затвораат во исто време, бидејќи на претходните изборни процеси беше практика во источна Турција избирачките места да се отворат еден час порано.

Гласачките ливчиња до некои избирачки места во oбластите на источниот и југоисточниот дел на земјата беа префрлени со хеликоптер.

Изборите се одржуваат со зголемени безбедносни мерки, а прелиминарните резултати од изборите се очекуваат во изборната ноќ, неколку часа по затворањето на избирачките места.

За изборите во Турција регистрирани се 56.322.632 гласачи, а меѓу нив се еден и пол милиони млади кои за првпат ќе имаат право на глас. Во странство, право на глас имаат дополнителни 3.047.323 турски државјани.

Претседателот на државата и парламентот се избираат на мандат од пет години. Станува збор за историски избори со кои Турција ќе премине од парламентарен во претседателски систем на управување, што беше одобрено со референдумот одржан во април минатата година.

За влез во 27. состав на парламентот на изборите се натпреваруваат вкупно осум политички партии и 68 независни кандидати.

Уште еден новитет на изборите во Турција е тоа што политичките партии за првпат настапуваат здружени во алијанси.

Вкупно шест кандидати на изборите учествуваат во трката за претседател на Република Турција.

Кандидат на владејачката АК партија и Народната алијанса е актуелниот турски претседател Реџеп Таип Ердоган.

Ердоган на функцијата претседател беше избран на изборите во 2014 година и беше првиот директно избран претседател на Турција.

Во случај на победа на овие избори ќе стане првиот претседател на Турција со широки овластувања кои ќе му ги даде претседателскиот систем на управување во кој нема да ја има функцијата премиер.

За победа на претседателските избори кандидатот мора да освои натполовично мнозинство гласови, а во случај ниту еден од кандидатите да не го оствари, за 15 дена ќе се одржи вториот круг од изборите на кои ќе учествуваат двајцата кандидати кои во првиот круг ќе освојат најмногу гласови.

Турскиот парламент претходно усвои пакет на измени и дополнувања на законите кои се однесуваат на усогласување на нормите и уставните реформи одобрени на минатогодишниот референдум, со кои Турција преминува кон претседателски систем на управување.

Со усвоениот пакет е усогласен и Изборниот законик на Турција, според кој се одржуваат денешните избори.

Согласно уставните измени, се укинува позицијата премиер, а извршните овластувања ги презема претседателот на државата по изборите. Законодавните овластувања и понатаму ќе бидат концентрирани во парламентот, со тоа што парламентот ќе брои 600, наместо досегашните 550 пратеници.

Сподели: