Прилепскиот театар одбележува 74 години од основањето

Сподели

 

Седумдесет и четиригодишната дејност на Прилепскиот театар ќе биде  одбележана в среда со најновата претстава „Стапица за глувци“, работена според текст на Агата Кристи, во режија на Борис Василески.  

Ансамблот на Прилепскиот театар на 17 февруари 1950 година ја изведе првата претстава „Кир Јања“ од Јован С. Поповиќ во режија на Аце Михајлоски, со што го означи почетокот на богатата театарска дејност и остави неизбришливи траги во уметноста со изведбите и со значајните театарски имиња за македонската култура.

Прилепскиот народен театар досега извел околу 360 премиери, а се одиграни над 7 500 претстави што ги гледале над 1,7 милиони луѓе. Најгледаната и најиграна претстава, изведена стопати, е „Солунски патрдии“ од Миле Попоски, во режија на Коле Ангеловски.

Голем успех на домашната и на меѓународната сцена театарот постигна  и со претставите: „Тапани во ноќта“, „Кавкаскиот круг со креда“, „Швејк…“ „Силјан Штркот“,  „Кумови“, „Собирен центар“, „Колобан“, „Полковникот птица“, „Опера за три гроша“ и многу други. Ансамблот има освоено повеќе награди, како и дсетина награди за најдобра претстава на МТФ „Војдан Чернодрински“.