Продолжува министерскиот состанок на ОБСЕ во Скопје

Сподели

 

Денеска е вториот и последен ден од 30. министерски совет на Организацијата за безбедност и соработка на Европа кој се одржува во Скопје.

Според најавите на последниот ден од состанокот треба да се одржат три придружни настани на тема „Млади и граѓанско општество“, „Се работи за луѓето – влијанието на теренските операции на ОБСЕ во 2023 година“ и „Зачувување на плурализмот – безбедност на жените новинарки“.

Се очекува прес-конференција да одржи и шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров.

Инаку бојкотот на дел од делегациите на говорот на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, неговите обвинувања кон Западот дека го уништува ОБСЕ, како и пораките кои западните дипломати му ги пренесоа поради руската инвазија врз Украина го засенија фокусот на вчерашниот ден од состанокот.

Според агендата, денеска ќе се одржи завршна пленарна сесија по која ќе следува прес-конференција со претседавачот, министерот за надворешни работи на РС Македонија Бујар Османи, со претставникот на Малта која е следниот претседавач на Организацијата и генералната секретарка на ОБСЕ, Шмид.