Вести Македонија

Продолжува протестот против обвиненијата на СЈО

Сподели:

Неколку десетици граѓани денеска со своите автомобили го блокираа булеварот Гоце Делчев пред Кривичниот суд во Скопје, во знак на протест против обвиненијата што вчера ги поднесе Специјалното јавно обвинителство. До судот се поднесени и барања за одредување притвор на високи функционери на ВМРО-ДПМНЕ и поранешни министри, меѓу кои и за лидерот на партијата и поранешен премиер, Никола Груевски.

Инаку, денеска истекува рокот од 24 часа, во кој судот треба да донесе одлука по барањата за притвор и за мерки за претпазливост против дел од обвинетите во случаите на СЈО.

Пред судот нема никакви скандирања, а демонстрантите само седат во своите автомобили и го блокираат булеварот, пренесува порталот „А1 он“. Околу судот е зголемено полициското обезбедување.

Синоќа околу 300 граѓани се собраа пред Кривичниот суд на протест против обвиненијата на СЈО, каде извикуваа „Македонија“ и „Нема да ви помине“.

Вчера, Никола Груевски на прес-конференција во партиското седиште рече дека ВМРО-ДПМНЕ била нападната и дека завршила нивната конструктивност.

– Ако мислат дека ВМРО-ДПМНЕ ќе го преспие ова, длабоко се излажале. Сакам да објавам дека конструктивноста кои некои ја нарекуваа попустливост во нашето дејствување завршува денеска. Сега е време историја да оценува и да суди – рече Груевски.

Специјалното јавно обвинителство поднесе 17 обвиненија против 94 физички и седум правни лица. СЈО побара и да им биде одредена мерка притвор на Груевски, на поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, на поранешните министри Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска и Елизабета Канческа-Милевски и на уште 13 други лица.

Кривичниот суд вчера доцна попладне соопшти дека ги примиле сите обвиненија на СЈО и дека ги распределиле кај судии. Оттаму најавија дека по барањата за определување мерки за претпазливост и притвор одлучуваат судии од кривичните совети.

Според Законот за кривична постапка, судот има рок од 24 часа да одлучи по барањата за одредување притвор и мерки за претпазливост.

Сподели: