Вести Македонија Ударни вести

Промовирана софтверската алатка за предикција на аерозагадувањето „ПМ Аларм”

 

Во рамки на активностите на Планот за чист воздух за 2020 година, денеска на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје се одржа јавна презентација на софтверската алатка за предикција на аерозагадувањето „ПМ Аларм”.

„ПМ Аларм” e софистициран систем за прогноза на аерозагадувањето во Република Северна Македонија, развиен од научниците од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, Универзитетот во Виена – Австрија и Универзитетот во Сао Паоло – Бразил, поддржано од Министерството за животна средина и просторно планирање на Република Северна Македонија. Апликацијата врши моделирање на аерозагадувањето со вклучување на временската прогноза и сѐ уште е во развој и во фаза на подобрување на визуелизацијата. Таа овозможува 4-дневна прогноза за загадувањето на воздухот на територијата на државата.

На настанот, покрај обраќањето на деканот на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) проф. д-р Иван Чорбев и презентациите на проф. д-р Боро Јакимовски, и проф д-р Владо Спиридонов, свое обраќање имаше и заменик министерот за животна средина и просторно планирање, Јани Макрадули.

“Од огромно значење е фактот што со својата посветеност, професионализам, знаење и креативна работа академската заедница сериозно се вклучува во обезбедување на апликативни научни решенија за информации и предикции за аерозагадувањето, кое што е еден од најактуелните проблеми во државата. Заедно со науката да работиме на решавањето на проблемите и справување со предизвиците кои не очекуваат.”- истакна Макрадули.

На крајот тој изрази огромна почит кон креаторите на ова решение, и се заблагодари на сите вклучени од Министерството за животна средина и просторно планирање, а особено на Агенцијата за електронски комуникации која го препозна и помогна реализирањето на овој проект.

Апликацијата е достапна за сопствениците на iOS и Android уредите, но истата има и веб верзија (мапа) со временска оска, каде корисниците може да добијат визуелен приказ на загадувањето. Веб верзијата е достапна на aqf.finki.ukim.mk.

Сподели: