Проширувањето во фокус на Данското претседателство со ЕУ

Сподели

Претседателот на Комисијата за европски прашања, Антонијо Милошоски, заедно со членовите и заменик-членовите на Комисијата, остварија средба со министерката за европски прашања на Данска, Мари Бјер.

Главна тема на средбата беа актуелните случувања на глобалната сцена и процесот на интеграција на Република Северна Македонија во Европската Унија, при што беа разменети мислења за предизвиците и перспективите со кои се соочува нашата земја и Европа во овој контекст.

На средбата, меѓудругото, се разговараше и за тековните состојби во однос на клучните реформи во рамки на пристапните преговори и нашата заложба и посветеност како држава за надминување на предизвиците, исполнување на обврските во евроинтегративниот процес и обезбедување континуитет на истите.

Претседателот на Комисијата, Милошоски, изрази благодарност за важната поддршка од Кралството Данска за нашите евроинтеграции и одличните билатерални односи, притоа истакнувајќи дека очекува нејзино продолжување на ниво на влади, парламенти, како и во областа на образованието, културата, но и други области во блиска иднина. Милошоски подвлече дека во долгогодишниот процес на евроинтеграцијата на државата, билатералните прашања се во фокусот и истите се ставени пред копенхашките критериуми.

Министерката Бјер порача дека проширувањето ќе биде во фокусот на данското претседавање со Европската Унија, кое стартува на 1 јули, посочувајќи на актуелните геополитички случувања кои уште повеќе го актуелизираат овој процес, како и тоа дека Данска ќе стори сѐ што е во можност за да го поттикне евроинтегрирањето на земјава, но тој пат мора да се изоди заеднички. Таа, исто така, истакна дека со оглед на актуелните геополитички случувања, руската агресија врз Украина, но и, како што посочи, новите ветришта од САД, Европа треба да биде силен геополитички актер, а за да се одбрани себеси во овие новонастаните околности – клучен е процесот на проширување.