Прослава по повод Денот на независноста – 8. септември

Сподели

 

Одбележувањето на Денот на независноста, 8.септември, годинава ќе се одвива под мотото „Боите на независноста“ и заедничката прослава ќе се одржи во Градскиот парк, пред Школка.

По повод одбележувањето на 8.септември – Денот на независноста, Владата ги кани сите граѓани на заедничко чествување во Градскиот парк во Скопје. Манифестацијата е со почеток во 11:00 часот.

Под мотото „Боите на независноста“ на прославата кај Школка во Градскиот парк ќе се обрати премиерот Зоран Заев.

 

 

Во рамки на прославата, предвидена е богата културно-уметничка и забавна програма. Ќе настапуваат „Петко и 5+ бенд“, групите „Ај Кју“, „Денсерс Јунајтед“, Виолета Томовска, Елита Зибери и ди-џејот Драган Б. Костиќ.

Ќе бидат поставени повеќе штандови, каде присутните ќе имаат можност да уживаат во традиционална храна од сите краеви на нашата земја, да учествуваат во спортски активности и да го проверат своето здравје.

Граѓани ќе имаат можност да измерат притисок, да извршат очен преглед и да добијат повеќе информации за најновите мерки на Министерството за здравствоУправата за јавни приходи, да се запознаат и да ги проследат вештините на Армијата и на полицијата. Претставниците на Министерството за внатрешни работи ќе изведат показни вежби со кучиња, а припадниците на „Тигрите“ ќе помагаат при спуштање со алпинистичко јаже.

 

 

Штандот на Агенцијата за млади и спорт ќе обезбеди опрема за пинг-понг, бадминтон, карате и заинтересираните ќе имаат можност да испробаат дел од боречките вештини и да се запознаат со поволностите на Европската Младинска Картичка.

На штандот на Министерството за труд и социјална политика, волонтери од невладина организација ќе информираат за Младинската гаранција и ќе биде организирана Изложба на фотографии од децата од малите групни домови.

Граѓаните на штандот на Министерството за животна средина и просторно планирање ќе имаат можност да се запознаат со мерките за поголема заштита на животната средина, како и да донесат и безбедно да ги одложат искористените батерии.

На два брендирани штанда, претставници на Дирекцијата за заштита и спасување ќе делат прирачници за заштита од пожари на отворен простор и ќе одржат практична демонстрација за користење на домашни ППА апарати.

Свеченото чествување на Денот на државноста на нашата држава, ќе започне со оддавање почит и положување цвеќе на партизанските гробишта во Бутел, од делегација предводена од претседателот на Владата, Зоран Заев, на гробовите на поранешните претседатели Борис Трајковски и Киро Глигоров.