Вести Македонија Топ теми Ударни вести

Прво учество на РС Македонија на состанок на НАТО како полноправна членка

Сподели:

 

Утре на покана на генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, министерот за надворешни работи Никола Димитров за прв пат ќе ја претставува Република Северна Македонија како полноправна земја членка на НАТО, на состанокот на Северно-атлантскиот Совет (НАК) во формат на министри за надворешни работи.

 

 

Заради рестриктивните мерки воведени по пандемијата на коронавирусот, состанокот ќе се одржи преку електронски систем на видео конференција.

По официјалното зачленување на Република Северна Македонија во НАТО на 27 март 2020 година и по церемониите на подигање на македонското знаме во Седиштето и Воените команди на НАТО, претстојниот состанок е прв работен настан на министерот Димитров каде активно ќе учествува во дискусијата по приоритетните прашања и активности на Алијансата.

Највисоко на агендата на утрешниот состанок ќе биде дискусијата за пандемијата на вирусот COVID-19, во рамки на која се очекува министрите за надворешни работи да ги разгледаат можностите за преземање заеднички, конкретни мерки и активности во справувањето со овој глобален предизвик.

Од другите теми ќе бидат опфатени прашањата во врска со состојбите и ангажманите на Алијансата во Авганистан, пошироката област на Блискиот Исток и Северна Африка, а ќе бидат разгледани и можностите за конкретен придонес за подобрување на состојбите во Сирија.

Предвидено е министрите за надворешни работи да одобрат и неколку усогласени документи во врска со темите што се предмет на дискусија во рамки на НАТО.

Сподели: