Путин бара Мариупол да се предаде за да престане гранатирањето

Сподели

 

Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека гранатирањето на опколениот украински град Мариупол ќе заврши само кога украинските војници ќе се предадат, јави Би-Би-Си.

Путин ги кажа овие коментари за време на едночасовниот телефонски разговор со францускиот претседател Емануел Макрон во вторникот вечерта, се вели во соопштението на Кремљ.

Но, француските власти соопштија дека рускиот лидер се согласил да ги разгледа плановите за евакуација на цивили од градот.

Оттогаш Русија предложи еднодневен прекин на огнот.

Министерството за одбрана на Русија соопшти дека прекинот на огнот ќе започне во 10:00 часот по локално време (08:00 часот БСТ) и ќе им овозможи на луѓето да патуваат на запад кон Запорожје преку пристаништето Бердјанск, контролирано од Русија.

Министерството соопшти дека сака Црвениот крст и Агенцијата за бегалци на ОН да учествуваат во евакуацијата и рече дека чека одговор на предлогот од Украина.

Претходните обиди за воспоставување прекин на огнот во Мариупол пропаднаа поради обвинувања од двете страни. Русија, исто така, беше обвинета за насилно преселување на илјадници цивили во Русија или во областите под контрола на Русија.

Соопштението доаѓа откако новите сателитски фотографии покажаа дека станбените области се претворени во урнатини, а руските артилериски топови се поставени на позициите за гаѓање на периферијата на градот.

Според Ројтерс, конвој украински автобуси тргна кон јужниот пристанишен град Мариупол во четвртокот за да се обиде да достави хуманитарни материјали и да ги извади заробените цивили, изјави украинската заменик-премиерка Ирина Верешчук.

Таа рече дека 45 автобуси биле на пат кон Мариупол откако Меѓународниот комитет на Црвениот крст потврди дека Русија се согласила да отвори безбдносен коридор.

Градоначалникот на градот рече оваа недела дека до 170.000 жители се заробени во Мариупол без струја и со намалени резерви на храна.

Градот, кој вообичаено има население од повеќе од 400.000 жители, беше стратешка цел на руската инвазија на Украина, која започна пред пет недели, и претрпе речиси постојано бомбардирање.

Повторените обиди да се организираат безбедносни коридори пропаднаа, при што секоја страна ја обвинува другата. Русија негира дека гаѓа цивилни цели во нејзиниот напад врз Украина.

До сега вкупно 145 деца загинаа, а 222 беа ранети во Украина како резултат на руската инвазија.

Според Укринформ, Украинското Јавно обвинителство го соопшти ова во соопштение објавено на Телеграм./мета.мк