Путин го потпиша указот за признавање на независноста на проруските региони во Украина

Сподели

 

Рускиот претседател Владимир Путин синоќа во телевизиско обраќање до нацијата ја образложи одлуката според која го призна суверентитетот на т.н. Доњецка Народна Република и т.н.Луганска Народна Република во Украина, кои не се признаени од ниту една членка на ОН.

“Приклучувањето на Украина во НАТО е директна закана за безбедноста на Русија”, рече Путин во обраќањето до нацијата по што го потпиша указот за признавање на Доњецк и Луганск.

 

 

Во обраќањето, во кое рече дека Украина нема историја за да биде вистинска нација и ги обвини, без докази, украинските власти за корупција, Путин потврди дека ќе ја признае независноста на двата сепаратистички региони.

На крајот од говорот, тој рече дека Русија ги признава проруските сепаратистички региони како независни држави, додавајќи дека тоа требало да се направи порано. На крајот, Путин пред камерите потпиша одлука за признавање на Доњецк и Луганск како независни држави.

– Сигурен сум дека ќе ја имам поддршката од рускиот народ за оваа одлука. Ви благодарам, заклучи Путин.

Во 40-минутното обраќање, Путин зборуваше за историјата, при што ја опиша Украина како држава создадена од Русија под власта на комунистичкиот лидер Владимир Ленин.

– Украина, продолжи Путин, никогаш немала „вистинска државност“, туку повеќе копираше модели за да создаде национална држава. Националистите и радикалите кои ја доведоа земјата во ќорсокак, сега ги влечат потезите под контрола на Западот. Корупцијата и борбите за моќ меѓу олигарсите го спречуваа населението на поранешната советска република да си го подобри животот, оцени рускиот претседател.

– НАТО и САД ја претворија Украина во воена зона, рече Путин. – Пристапувањето на Украина во НАТО би било директна закана за безбедноста на Русија. Во последните месеци во Украина беа испратени големи количини западно оружје, тврди тој. Доколку Украина се здобие со оружје за масовно уништување, глобалната ситуација драстично ќе се промени, не можеме да го игнорираме тоа, рече Путин, додавајќи дека „Украина планира да се стекне со нуклеарно оружје“.

Путин рече и дека Западот испраќа оружје во Украина без прекин, додека странските инструктори ја менаџираат целата ситуација на теренот. „Командата на украинската армија може да се изврши директно од седиштето на НАТО“, нагласи тој.

Зборувајќи за плановите за прашањето за нуклеарното оружје во Украина, Путин рече дека тоа радикално ќе ја промени ситуацијата во светот, со што Русија ќе биде принудена да реагира.