Вести Македонија Ударни вести

Работна средба на Мизрахи со директорот на Кацеларијата на Светска банка Марко Мантованели

 

Министерката за труд и социјална политика Рашела Мизрахи оствари работна средба со директорот на Кацеларијата на Светска банка Марко Мантованели.На средбата Мизрахи му предочила на Мантованели дека нејзин приоритет како министерка за труд и социјална политика е да продуцира процеси коишто носат до подобри услови за живот и благосостојба на граѓаните.

Затоа еден од приоритетите во нејзината програма е подобрување на социјалните услуги и детската заштита, како и зголемување на пристапот до квалитетни социјални услуги. Таа смета дека намалувањето на сиромаштијата, детектирањето на социјалните ризици и проблеми, како и поддршката на социјално-ранливите категории е возможна само преку напорна работа, преку постојана будност и следење на социјалните текови во државава и согласно со тоа прилагодување на социјалните политики кон нив.

Директорот на Кацеларијата на Светска банка Марко Мантованели рече дека Светска банка е подготвена да продолжи со силна поддршка на сите започнати процеси во сферата на социјалната заштита бидејќи системот на социјална заштита е тој којшто треба да им обезбеди на најранливите можност да излезат од сиромаштијата и да станат продуктивни членови на општеството. Тековната Стратегија на Светска банка за соработка со земјата, како и проектите кои се реализираат во областа на социјалната и детската заштита ќе придонесат во постигнување на горе наведените цели.

Мизрахи и Мантованели се подготвени на заедничка соработка во заеднички интерес на  граѓаните и општеството како целина и со цел унапредување на правата и заштитата на сите категории на граѓани.

Сподели: