Радев за „ЕУрактив“: Северна Македонија да го смени Уставот

Сподели

 

Република Северна Македонија треба да го смени својот Устав. Тоа би било чекор кон решавање на спорот меѓу Софија и Скопје, во интервју за угледниот „ЕУрактив“ порача бугарскиот претседател Румен Радев, кој минатиот месец го освои вториот мандат на функцијата прв човек на Бугарија.

Во однос на одредени алузии дека спорот меѓу двете земји влегува во нова фаза во која во втор план би се турнал Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Бугарија и Македонија, потпишан на 1 август 2017, Радев е категоричен дека не станува збор за напуштање на договорот и влегување во нова фаза, туку во барање нов начин договорот да биде почитуван во целост.

Новиот бугарски премиер Кирил Петков пред три дена зборуваше за одблокирање на евроинтеграцијата на земјава, што доведе до бројни шпекулации за целосно нов пристап, односно напуштање на бугарското инсистирање на договорот.

„Се смета дека сме во процес на предговарање на договорот, но не сме. Ние сме во процес на барање начин како подобро да го примениме тој договор. Договорите се склучуваат за да се почитуваат. Тоа е главниот претходечки услов да бидеш член на ЕУ. На истиот начин треба да се почитуваат и договорите на ЕУ“, порача Радев.

Тој повикувајќи се на ЕУ, ја обвини Северна Македонија дека не ги почитува принципите на ЕУ, алудирајќи на непочитување на човековите права на Бугарите и недозволувањето на дискриминација.

„Нашата најголема загриженост е дека Република Северна Македонија не ги применува фундаменталните принципи и вредности на ЕУ, како човековите права, недозволувањето на дискриминација. Дискриминаторскиот однос кон македонските Бугарија се врши со децении. И тоа мора да сопре. Денеска повеќе од 120.000 македонски граѓани имаат исто така и бугарско државјанство. Тие не се само бугарски граѓани, туку и граѓани на ЕУ, а тоа значи многу кога зборуваме за човековите права“, порачува Радев.

Инаку, Радев вчера соопшти дека ќе го свика Консултативниот совет за национална безбедност (КСНС) на кој ќе се разгледува односот на Бугарија кон Северна Македонија, и ќе се бара консензус со сите политички партии во бугарскиот парламент.

„Бугарија ќе ја отвори вратата на Република Северна Македонија само со гаранции и заштита на националниот интерес. Ако успееме да постигнеме такво решение, тоа ќе биде историски чин, но да не забораваме дека тој процес – и како време и како резултат, е целосно во рацете на земјата-кандидат“, порача Радев вчера од Брисел.

Новиот бугарски премиер Кирил Петков пред три дена порача дека Бугарија ќе понуди нов циклус на надминување на спорот со Северна Македонија.

мета.мк