РАЗЛИКАТА Е КАКО ГОСПОД И ШЕШИРЏИЈА – Ерол РИЗАОВ

Сподели

Промената на власта во Македонија не е Курто и Мурто, туку разликата меѓу новата и старата власт е како Господ и шеширџија. Денеска во Собранието ја видовме драстичната разлика. За  истото она што вмровците нарачаа да се тепаат нивните колеги пратеници,  денес  беа рамнодушно надгледувани од целата јавност како избезумени очајници кои под уплав од правдата бараат начин со врескање да се спасат.

Одамна, многу одамна, немало промена на власта во Македонија, цела деценија и кусур, па убаво залегнатите на државните јасли, набабрени како крлежи од цицање крв, срипаа избезумени што некој ги откачил од вимето. Кога го отстранувате крлежот, бидете внимателни: ако не е нацицан до крај ја остава главата зариена длабоко под кожата. Така се пренесуваат заразите.

Може лесно да ве префати болеста да се живее на туѓа сметка без да се работи ништо.

Паразитите заборавиле од каде, како и колку долго се закачени на цицката на државната каса. Сега силно лаат за демократија, слобода, за човекови права, стегаат тужби… да останат припени како лешинари на живото ткиво на татковината, која толку многу ја сакаат што ја исколваа до гола коска дури и мртва. Ја испушија Македонија како стара муштикла, па сега зборуваат како светци и, пази ти се молам, јавно прашуваат како тоа и по кој критериуми се менуваат преку ноќ толку способни луѓе.

Која ноќ бре билмези, испокрадовте сѐ живо и диво, ја испоизедовите алчно нафаката на овој кроток народ кој не ве искаменува и покрај сите зла што му ги нанесовте. Таа ноќ на владеење без контрола траеше цели 11 години. Ако на таа ноќ мислат сменетите и онеправданите, тогаш навистина е преку ноќ, ептен црна и темна. Цела една ера.

Приказните кои деновиве се шират за Курто и Мурто се многу прималиви да се избербати големата слика и да се растури мозаикот што се склопува макотрпно, навистина многу побавно отколку што е децениското исчекување, но сепак одат работите во вистинска насока и покрај некои изненадувачки кадровски решенија.

Се разбира, секој за своите одлуки и постапки си ја презема одговорноста која веќе не ќе може да се одбегнува како досега.

Но, да се вратиме на големата слика и на вистинската тема. Историските промени чии големи димензии се наѕираат, не се во партиските програми и платформи, туку во луѓето. Човеците прават држава, а апашите ја ограбуваат.

Затоа мислам дека новото парламентарано мнозинство најдобро ќе ги демантира приказните за Курто и Мурто ако ги покаже на ачик разликите меѓу новата и старата власт, меѓу новата и старата влада, кои по мое мислење, колку што ја следам македонсата политичка сцена повеќе децении, е како меѓу Господ и шеширџија.

Таа разлика убаво ја видовме денеска  кога  ВМРО-ДПМНЕ,  предводена  од  најучениот човек во партијата, германскиот доктор на науки кој најмногу знае како да се мразат различните од себе и  кој остана запамтен во јавноста со најантимакедонските изјави и навредите на великанот на Македонија, Блаже Конески, ја блокира говорницата и работата на Собранието. Џуџето од Кичево, главниот оратор  и пропагатор на ВМРО-ДПМНЕ ја блокира говорницата. Ќе речете ништо ново. Тоа го правеше и поранешната опозиција, односно сегашната власт. Точно е тоа. Разликата е во тоа кога најголемата опозициска партија на 24 декември 2012 ја блокираше говорницата, тајната полиција и собраниското обезбедување заедно со пратениците на власта ги истепаа пратениците на опозицијата, ги избркаа наврат на нос новинарите, ги окрвавија рацете и ја посрамотија Македонија пред светот. Денес не видиовме ништо од тоа. Собраниската парада на ВМРО-ДПМНЕ направена за спасување од правдата на осомничените за криминал беше проследена спокојно од парламентарното мнозинство, во стилот не фрлај камен во гериз ќе се избербатиш.

Веројатно тропам на отворена врата, бидејќи мислам дека нема човек во државата што не знае, како со години се вработуваа луѓето, но и како остануваа без работа, како отвараа големи бизниси неписмени луѓе, како некои дудуци станаа богати како кнезови, а ги нема во даночните книги, како други пропаѓаа, како се отвараа и затвараа компании, како се студираше и положуваа испити, како се стануваше директор на училишта, градинки, на болници, на клиники, на театри, опери и балети, на МРТ, началник на полиција, како се стануваше судија, јавен обвинител, врховен судија, уставен судија, апелационен судија, главен уредник на медиум, новинар, како се стануваше член на управни одбори, асистент, професор, шофер во владата, или кенлер, или хигиеничарка …

Всушност дали воопшто постоеше некоја можност да се направи било што во јавниот сектор, во голем дел и во приватниот, а тоа да не биде со партиска книшка, со амин на врвот на ВМРО-ДПМНЕ и лично со благослов на вождот Никола Груевски.

И после една таква долга и темна ноќ бесрамно се појавуваат истите сурати да кажуваат како во јаслите се испокакле до гуша, а нема кој да им го смени памперсот.

Да се разбереме, уште од 1998 година кога почна големата чистка и кадровскиот геноцид во Македонија, кој неговите творци го нарекоа драматичен дисконтинутет, кога во државата се сменија илјадници луѓе и се обезвредија признати на меѓународен план личности и дејци, беше јасно дека ваквата груба партизација ќе нанесе голема омраза и делби во мала Македонија, каде по трето колено сите сме роднини.

Властите до 1998 година со своите кадровски екипирања главно се задржуваа на владата, министерствата, само во некои случаи на јавните големи претпријатија и државни фондови. По доаѓањето на ВМРО-ДПМНЕ и ДА заедно на власт во 1998 година, се направија за прв пат такви кадровски испартизирани промени кои опфатија повеќе илјади луѓе. Тоа беше почетокот на неосталинизмот. По промената на секоја власт во Македонија бевме сведоци и паталци, на трагични егзистенцијални чистки, многу често со мотиви на политичка пресметка.

Колуминацијата на кадровското обезличување на Македонија настапи во ерата на Груевоизмот со доаѓањето на Никола Груевски, творецот на овој режим од 2006 до 2017 година. Во тој период извршена е комплетна вмровизација на целото општество и по вертикала и по хоризнотала. Тие што можеа избегаа од земјата, а тие што останаа и се спротивставија на овој режим го јадеа стапот. Нема човек кој јавно се спротивставил на политиките на Никола Груевски, а за тоа да не платил дебела казна.

Отстранување од работа поради политичка пресметка, или поради критика на власта беше банална вест за нечија уништена кариера и егзистенција за нечие осиромашување. Тоа беше вообичеана секојдневна работа со години на мафијата предоводена од фамилијата во врвот на ВМРО-ДПМНЕ.

Компромитирањето на угледни јавни личности и национални величини се спроведе со ужасната и арогантната лустрација. Заслужни личности без право на одбрана беа прогласени за кодоши, меѓу нив имаше одамна починати великани, а некои починаа од болка во душата поради неправдата и срамот што им е нанесен. Оние што останаа професионални и објективни новинари сите до еден беа јавно жигосани со име и презиме прогласени за странски платеници и
предавници. Судиите и обвинителите кои работеа по словото на законот беа сменети и префрлени да судат за сообраќајни прекршоци и разводи.

Во времето на Никола Груевски имаше повеќе политички затвортеници и заточеници на свеста, отколку последните години од комунизмот. На очиглед на светот во парлементот беа истепани пратениците на најголемата тогашна опозицициска партија, а новинарите беа насилно отстранети од своите работни места во Собранието што никогаш не се случило откако Македонија има Собрание.

Сето тоа на мафијашкиот клан и на Груевски им беше малку па ја спроведоа монструозната операција на најмасовно и најдолгогодишно прислушување и држење под надзор на телфонските комуникации на над 20.000 граѓани. И кога дојде ред да се соочат со правдата и со законот одлучија повторно да пролеат крв во парламентот и да не ја даваат власта иако немаат мнозинство.

Сега очајно го блокираат општествениот поредок и институциите на системот со кртовите и рецидивите што ги имаат насекаде само да ја спречат правдата.

Кога ќе престане ова кадровско обезличување и уништување на Македонија и кога спосбните и стручните луѓе ќе ги заземат своите места без да се приклонуваат на
властите, да се лигават, да се претвараат во полтрони. Ако чекаме да проработи нечија свест и совест тоа е залудна и јалова работа.

Постојат во светот искуства кои се озаконети и строго се санкционираат ако се прекршат. Па така на пример,
во сто милионска Германија по секоја промена на власта само околу 1.400 луѓе ги пакуваат куферите и се враќаат на истите места од кај што дошле. Сите други никој не може да ги чепне поради промената на власта и партиската припадност која не смее да се гледа во јавниот сектор. Ако во Германија се менуваат 1.400 луѓе, пресметајте колку луѓе треба да се променат во Македонија, се разбира ако е нормална држава, а не целосно партизирана, поделена и полна со омраза.

Ова, по сѐ изгледа, уште долго ќе потрае во Македонија како и с`ѐ друго што е балканштина, ако оваа власт конечно не ги озакони овие работи како треба.

Претходно треба да се расчисти минското поле што го остави зад себе ВМРО-ДПМНЕ, па да се видат ефектите од промените. Дотогаш нагазните мини ќе експлодираат и ќе однесат невини жртви.