Реакција на Лордан Зафрановиќ и Наум Пановски: Во Македонија не се почитуваат законите

Сподели

 

Реакција на режисерот Лордан Зафрановиќ и сценаристот Наум Пановски по одлуката на Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен која ја одби нивната поднесена жалба.

Зафрановиќ и Пановски се жалеа на одлуката на Агенцијата за филм со која се одби финансирањето на играниот филм „Ул. Орце Николов бр.10“ од Наум Пановски.

“Крајно огорчени и револтирани од одлуката на Државната Комисија за Одлучување во Управна Постапка и Постапка од Работен Однос во Втор Степен, да ја одбие како неоснована нашата жалба во врска  со донесената одлуката од Агенцијата за Филм на 21.7.2020 со која се одбива финансиска поддршка на нашиот проект „Ул. Орце Николов бр, 10“, сакаме да ја информираме македонската културна и политичка јавност дека со оваа одлука на Државната Комисија уште еднаш се покажува и се докажува дека во Македонија не се почитуваат законите, дека не владее правото и правдата за сите, и дека законите се изигруваат или извртуваат со цел да се заштитат корумпирани моќници во власта. Со тоа македонската власт уште еднаш покажува не само дека ги штити испреплетените коруптивни интереси на луѓето кои учествуваат во одлучувањето и  распределбата на парите по принцип јас тебе ти мене, и кои непрофесионално одлучуваат за судбината на македонскиот филм, туку со својот репресивен однос кон неистомислениците, а посебно кон афирмираните уметниците кои не сакаат да бидат дел на такви коруптивни зделки, докажува дека во Македонија нема место за вистински и чесни филмски автори.

Сметаме дека барање правда во Македонија денес, е еден бесмислен и неблагодарен процес, односно тоа го сметаме за обично губење време во борба со бирократски ветeрници. 

Меѓутоа истовремено се чувствуваме должни кон генерациите после нас, овие неправди, злоупотреби и флагрантни опструкции кои го спречуваат квалитетното филмско творештво во Македонија да не ги премолчиме. Особено што се работи за сценарио чија што тема не е само корупцијата и нејзините деструктивни ефекти врз граѓаните на Македонија, за која толку многу се говори денес и која еден од главните услови за влез во ЕУ, туку и многу повеќе од тоа. „Ул. Орце Николов бр, 10“ е жестока  приказна за една млада жена која доаѓа од Америка во обезличено Скопје да го најде лекот за болеста на својот татко и која во потрага по спасоносниот лек, таа истовремено открива дека потекнува од бунтовно партизанско семејство кое низ својата повеќе вековна историја постојано се бори за македонска автентичност и посебност и за постоење на слободна и демократска Македонија.

Кому во Македонија, особено денес, кога Бугарија, а и не само таа, со сета жестина го негира нејзиното автентично битие, му пречи ова сценарио?”

На кратко, за работите да бидат појасни  за обичните читатели, Агенцијата за Филм на Македонија, го одбива нашето сценарио „Ул. Орце Николов бр. 10“ со следното образложение:

„Проектот се одбива и истиот не беше предмет на евалуација поради некомплетна документација, односно не се доставени прашалник  за успешност на режисерот Наум Пановски и со што не ги исполнува условите од член 26, став 5 и 6 од Законот за филмска дејност, од доставената документација не може да се утврди дека режисерот има снимено и јавно прикажано најмалку  два краткометражни документарни или анимирани филмови и со кој учествувал на најмалку два меѓународни фестивали. Воедно за режисерот Лордан Зафранович недостасува уверение за државјанство на Република Северна Македонија а кое е дел од задолжителната документација.“ 

“Оваа одлука е обжалена со детална аргументација и документација доставена до Државната Комисија, во која прецизно се наведува како и каде Агенцијата за Филм не се водела според словото на Законот за Филм, туку арбитрарно, волонтерски, и крајно непрофесионално донесувала правилници и формулари кои не се во склад или се спротивни на законот за Филм и кои во суштина се дискриминаторски и деструктивни. 

Во својот одговор Државната Комисија, со еден сувопарен, бирократски и непрофесионален пристап, со криење на фактите и бранење на извртени процедурални постапки кои не се дел од Законот за Филм, ја потврдува одлуката на Агенцијата за Филм, ја занемарува суштината на проблемот и не дава одговор на основното прашење поставено во жалбата со кое се повредуваат нашите права: 

Каде и на кое место, во кој член на законот за филм се бара режисерот да биде државјанин на Македонија? 

Зошто и до кога Агенцијата за Филм ќе има двојни стандарди и зошто се однесува површно и непрофесионално во донесување на своите одлуки?

-До кога Агенцијата за Филм ќе ги дискриминира авторите според нивната идеолошка, национална, религиозна или партиска припадност? 

-До кога бирократијата и личните интереси ќе ја убиваат македонската кинематографија?

Ќе биде корисно, јавно и транспарентно и Управниот Одбор на Агенцијата за Филм и одговорните од Државната Комисија за Одлучување во Управна Постапка и Постапка од Работен Однос во Втор Степен да одговорат на горе поставените прашања. 

Во спротивно, ќе сметаме дека непрофесионално си ги извршуваат задачите и дека штитат приватни интереси на корумпирани поединци, односно дека тие се дел на проблемот а не на решението.” – реагираа Лордан Зафрановиќ, режисер и сценарист и Наум Пановски, режисер и сценарист.