Вести Македонија Ударни вести

РЕК Битола планира напуштање на јагленот и користење на гасот како главен енергенс

Сподели:

 

Во фокусот на идните планирани инвестиции на АД Електрани на Северна Македонија е реализацијата на нови проекти за производство на електрична енергија со зголемување на уделот во обновливи извори на енергија. Покрај другото, се планира РЕК Битола да го исфрли јагленот како енергенс за производство на електрична енергија и да се трансформира во капацитет кој ќе работи на природен гас. За тоа се предвидени две сценарија. Според првото, термоелектраната би работела на природен гас со модификација на постојниот котел, а според втората варијанта, РЕК Битола би произведувала струја во таканаречен гасно-парен циклус што ќе значи и изградба на нов блок.

„Основен предуслов за реализација и на двете сценарија е доведување на природниот гас до праг на РЕК Битола. Сепак, како поповолна се посочува варијантата со нов блок (сценарио 2) со комбиниран циклус, што значи можност за когенерација, односно производство и на електрична и на топлинска енергија). Предвидената ефикасност на новиот блок ќе биде одредена на 54 проценти“, објаснуваат од РЕК Битола за „Мета.мк“.

 

Јаловинскиот систем на површинскиот коп на рудникот на јаглен „Суводол“ | Фото: ЕСМ

 

Додаваат дека, согласно прелиминарните податоци за инвестицијата, таа би изнесувала од 1 до 1,1 милион евра за инсталиран еден мегават час, односно се дефинира дека капиталните инвестиции за ваков нов блок ќе изнесуваат 250 милиони евра, за нов блок со јачина од 250 мегавати. Тоа ќе подразбира потребно годишно количество на природен гас од десет пати по 255 нм3 (нормални кубни метри), за 6.000 работни часови годишно и за годишно производство на електрична енергија од 1.275 гигават часови.

За овој план за трансформација на електраната за производство на струја од јаглен, на гас, се очекува набрзо да се иницира постапка за избор на консултант што ќе треба да изработи предфизибилити и физибилити студии.

Инаку, надлежните од РЕК Битола посочуваат дека еден од проектите кој се имплементира во моментов е изградбата на фотоволтаичната електрана Битола, со планиран капацитет од 20 мегавати и проценето производство од 32 гигават-часови годишно, а која е предвидено да се изгради во кругот на РЕК Битола. Во моментов се подготвува анализа од аспект на животна средина („Environmental Due Diligence“) од страна на консултант од ЕБОР.

„Глобалните енергетски трендови нагласуваат поамбициозна потреба за транзиција кон нискојаглеродна економија, при што обновливите извори на енергија и енергетската ефикасност се меѓу најважните фактори што ја овозможуваат благата транзицијата. АД ЕСМ и РЕК Битола се свесни дека, согласно европските критериуми, производството на струја од јаглен нема долгорочна перспектива, поради што и се преземаат редица активности и се работи на серија проекти за производство од обновливи извори на енергија“, нагласуваат од Комбинатот. Но, додаваат дека целосното напуштање на производството на струја од јаглен, како прва и најголема претпоставка ја има стабилноста и доверливоста на снабдувањето со електрична енергија на потрошувачите во земјата. Дополнително, потребни се финансиски средства кои ќе треба да ја овозможат имплементацијата на проектите за трансформација на производството, при што не смее да биде занемарен и социјалниот аспект на вработените во компанијата. „Затоа, процесот треба да биде внимателно спроведен, за што сме убедени дека имаме капацитет, знаење, ресурси и можности да го спроведеме“, додаваат од Комбинатот.

 

Депонијата од искористен јаглен во РЕК Битола | Фото: ЕСМ

 

Инаку, РЕК Битола, кој учествува со над 70 отсто во вкупното производство на струја во електроенергетскиот систем во земјава, од 1 јануари годинава, заклучно со 18 октомври, произведе 1.914.085 мегават часови електрична енергија, мгвч., а биле планирани 2.430.000 мгвч. Проценките се дека до крајот на годинава ќе бидат произведени 2.558.458 мгвч. струја. Намаленото производство е поради намалената побарувачка на домашниот и на странските пазари, предизвикано од ковид кризата, објаснуваат од Комбинатот.

Во две, од трите дадени сценарија во донесената Стратегија за развој на енергетиката до 2040, референтно, за умерена транзиција и зелено сценарио, се предвидува затворање на сите термоелектрани на јаглен во земјата и транзиција кон обновливи извори на енергија, преку планираните 120 мегавати соларни капацитети на местото на поранешниот рудник за лигнит во Осломеј. Стратегијата посочува дека треба да се носат политики во енергетскиот сектор кои до 2040 година ќе обезбедат намалување на емисиите на стакленички гасови (CO2) за најмалку осум проценти, во однос на 2005 година, до над 60 проценти, доколку биде остварено зеленото сценарио.

Енергетскиот сектор има најголемо учество во емисиите на стакленички гасови во земјава, во однос на другите, главно затоа што базира на фосилни горива, пред се јагленот, кои во вкупното производство на струја учествуваат со над 80 отсто.

meta.mk

Сподели: