Заев: 75 години од основањето – ОН денес се симбол за глобалниот мир и безбедност

Сподели

 

“Годинава Организацијата на обединетите нации одбележува значаен јубилеј – 75 години од основањето. Формирана во 1945 година во свет на урнатини, ОН денес се симбол за глобалниот мир и безбедност” – изјави премиерот Зоран Заев.

“И покрај множеството предизвици, ОН го наметнаа принципот на дијалог и почитување при превенирањето и решавањето на предизвиците и низ начелата на соработка и солидарност, покренуваат иницијативи за надминување на горливите светски проблеми.

Денес кога се соочуваме со пандемијата од КОВИД-19, најголемата закана по Втората светска војна, ОН преку Светската здравствена организација повторно има централна улога координирајќи ги меѓународните активности за заштита.

Во насока на поддршка и поттикнување на универзалните човечки вредности, Владата на Република Северна Македонија ја реафирмираше својата посветеност кон реализација на Агендата 2030 на Организацијата на обединетите нации, која обезбедува универзална рамка за зајакнување на колективната акција кон заедничките цели и предизвици за заеднички просперитет.

Продолжуваме заедно да ја обликуваме нашата иднина и да соработуваме со ОН на остварување на милениумските цели за одржлив развој” – додаде Заев.