РЕШЕНИЕТО Е НА ДОФАТ – Мерсел БИЉАЛИ

Сподели

Човек со столарска алатка чукна на вратата на фармер, надевајќи се на некаква работа. „Секако“ – му вели домаќинот – „со брат ми од другата страна на потокот не се трпиме, дури многу се мразиме, па би сакал да изградиш висока ограда долж потокот за да не му ги видам очите“. „Јасно ми е“- додаде столарот и се нафати за работа. Домаќинот замина во град и кога доцна попладне се вратил се изначудил кога видел прекрасен мост над потокот, а на средината со раширени раце го чекал неговиот помлад брат со зборовите – благодарам брате што го направи мостот. Низ солзи двајцата силно се прегрнаа.

Кај нас низ години се рушеа мостови, етнички, партиски, верски, меѓусоседски. Стана нормално да се мисли дека мостовите служат за да се рушат, а не за да поврзуваат. Длабоки траги и ден денес има и во нашата потсвест, иако полека почнувавме да се излекуваме од тоа. Деновиве прв пат официјално се случи за еден крупен настан – да подадат рака легитимните претставници на двете држави – Заев и Ципрас. Нивните држави цели 25 години граделе огради, издигнувајќи го спорот со името во ниво на живот или смрт. Минатата власт свесно ги изминира преговорите, дотурајќи му квалитетно гориво на грчкиот националистички воз. Целиот свет кој беше со нас се сврте против нас. Се увиде дека алчноста е страшна болест, оти од неа не страдаат само болните туку и сите други. И сега што и да правите со најдобра волја, веднаш се соочувате со лоши духови во Атина. Широката насмевка на Ципрас брзо стана кисела кога врз него бил истурена цел цистерна домашна киселина. Мицотакис арогантно го одбил предлогот, а потоа сите други во хор, оти тој ќе поттикнувал иредентизам.

Сеуште има многу Грци кои својата генетика ја барат пред појавата на амебите. А доста од нив продолжуваат да мислат дека ЕУ и НАТО треба да им служат само како пасиште за нивниот „Тројански коњ“. Тие веќе 25 години ја провоцираат регионалната стабилност и сеуште од Западот се толерираат, иако се налик на неверна жена која се храни од Запад, а флертува со Исток. Но, тоа е реалност со која ќе мора да се справиме, исто како и со дел од домашната јавност која мисли дека човечкиот род настанал од нивните прадедовци!

Од одделни кругови се мисли дека руската врска директно го торпедирала предложениот договор. Познато е дека Каменос како министер за одбрана, во континуитет, во преприките Запад-Исток, јавно стоел зад Путин. На прашање од новинар од грчката „ТВ Мега“ како тоа кога Грција е членка на НАТО? Каменос одговорил дека тој е „на страната на вистината“. За него руската вистина ти била апсолутна вистина. Влијателниот американски „Politico Magazine“ неодамна укажа на многу факти за нечесна игра во релациите Грција – Запад, понудувајќи бројни аргументи и факти за создавање раздор во внатрешните односи во ЕУ и НАТО. Но, сепак низ годините Грците сфатија дека целта на Русија и биле само нејзините интереси – да ѝ се укинат санкциите, да се легализира Крим, и да има пристап до јужните мориња. А за нив да остане само амалакот. Иако Грција со години ја кршела таканаречената „Трансатлантска солидарност“, таа на крајот ништо не добила од тоа. Напротив претрпела видна загуба. Една опсежна анализа од влијателниот “The National Interest” покажува дека грчката јавност рапидно е отрезнета и освестена од таквото однесување на нејзиното водство. Станува свесна дека од Путин можат да го добијат само самарот. И затоа враќањето кон нормалата им стана императив. Мицотакис како последна алка на отпорот за прифаќање на прелиминарно договореното решение, не ќе може долго да го издржи западниот притисок. Тој веројатно како потенцијален иден премиер сака добро да се испазари за тоа со Запад, особено во финасиската сфера. Но, кај и да е бегање нема. Тоа што Заев храбро постапи, што некому се чини каскадерски, баш во многу потребен момент видно ги зајакнел нашите преговорачки позиции. Имено, Грција повторна стана виновната страна. Следува целиот силен притисок ќе се впери кон неа.

 

Глупа опозиција!

Но, ај да се вратиме малце кај нашите путинисти на кои устата им грми, додека силата им шепоти. Ептен чудна беше изјавата на шефот на опозицијата дека за нив и натаму важи истиот став – нема уставни промени за промена на името. Интересно, при гром од ведро небо кај нив сѐ е како било. Ако не можел да најдат поубедливи аргументи, барем да беа помалце смешни. Тука не се гледа никаков пат, туку крстопат или кружен ток. Членството во НАТО и ЕУ по автоматизам претпоставува уставни измени. Така што никој што има основно познавање по политичка азбука нема да може да го разбере таквиот став. Тоа наеднаш покажува дека новото вмровско водство е под тотална контрола од претходното водство, кој анблок е против авроатлантските интеграции. Наместо на подадена рака за да се извлече од калта, сегашната опозиција одлучи уште да тоне во неа. Изгледа некому е поважно да не пропадне домашната мафија па макар сѐ друго да пропадне. Да не се соочат со правдата па макар сите да тонеме во неправда. Сеуште тешко сфаќа дека од шкарт состојби не се прави политички концепт. ВМРО има морална обврска да поддржи, барем за да ги пере мегало-гревовите од нејзиното минато водство. Тие гревови беа толку големи и штетни за нас, да грчките националисти сериозно размислувале со големо срце да им подигаат огромен споменик на сред Атина. Факт е дека по американското признавање на името, грчката позиција беше мртва, ама Груевски со својот лажен патриотизам широкоградно ја реинкарнирал.

Мора мостови да градиме за да поминеме. Затоа ќе ни треба силен идеал. Најголемото богатство на човекот не се носи во џебот туку во срцето. Оти на крајот ќе увидиме дека животот ни подарува само тоа ние на другите има го даваме.