Во понеделник на 25.08.2025 во 19:30 часот во Ликовниот Салон во Велес ќе биде отворена 64-тата Ретроспективна изложба од академскиот сликар Ангел Петров од Велес “БОЈАТА НА МОЈАТА ДУША”.

Изложбата ќе содржи 87 дела од неговото повеќедецениско творештво и тоа: 36 пејзажи, 25 актови и 26 коњи, или 87-те години живот на уметникот, тоа се трите мотиви што го следеле Петров низ целиот негов творечки живот.

Во неговите пејзажи длабоко е втемелена занаетската прецизност и убавината на Велешкото односно Македонското поднебје.

Актовите се суптилни, внимателни, речиси срамежливи како извор на животот, а коњите кај Петров, тие не се само животни, тие се симбол на движење, емоции и слобода, истовремено потенцирана сила.

Овие 87 дела не се случаен избор од големата оставштина на дела на Петров, тоа се дела што зборува за неговото богато уметничко творештво. Ангел Петров, со оваа Ретроспективна изложба од 87 дела, остава трага која трае и ќе трае.

Ангел Петров (1933-2020), роден во Велес, ја имал привилегијата да се школува и да учи во Средното уметничко училиште во Скопје, во класата на професорите Личеновски, Мартиновски, Коџоман и Борко Лазески. Веќе во втората година, прогласен е и награден како најталентиран од генерацијата.
Образованието го продолжува во Белград, во Академијата за применета уметност која ја завршува во 1962, во класата на професорот Винко Грдан.
Веќе во наредната 1963, започнува самостојно да изложува за до денес да реализира 63 самостојни ликовни изложби од кои 31 во Македонија и 32 во странство, како и да учествува на повеќе од 200 групни претставувања. Член е на ДЛУМ од 1967. Негови дела се наоѓаат во многу музеи, галерии, приватни колекционери во земјава и странство.
Неговиот ликовен опус се состои од повеќе ликовни фази: пејзажи, актови, коњи, портрети, акварели, мртва природа, декорации и стара архитектура. Работел масло, пастел, акварел, туш, акрилик и комбинирани техники.

За неговиот 60 годишен творечки опус има добиено многу награди и признанија: Прва Награда за најдобра “мртва природа “ – 1950, Скопје во Средно уметничко училиште од професорот Лазар Личеновски. Награда за животно дело – ”ГЕМИЏИИ “2004 од Општинa Велес.
Повеќе награди за донаторство од Македонското друштво “Кочо Рацин”, Риека, Хрватска, додека 1980 e одликуван со Орден на трудот со сребрен венец.


