По дадена насока до директорот на ЈП „Градски паркинг“, во Реонскиот центар на општина Аеродром каде се воведува зоната D12, продолжува да важи постојното правило според кое сите резиденти, физички и правни лица ќе можат да паркираат на сите зони на територијата на општината без надоместок, информираше Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски.
Одлуката е донесена како одговор на барањата и реакциите на граѓаните. Паралелно, во тек е подготовка за воведување нова зона за паркирање во Ново Лисиче, со што ќе се обезбедат вкупно 2719 нови паркинг места.
Дополнително од Град Скопје информираа дека од 1 април 2026 година ќе биде овозможено електронско поднесување барања за дозволи преку платформата „moj.parking.mk“, како и онлајн плаќање на месечни и годишни дозволи, со цел поедноставување и подобрување на услугите за граѓаните.


