Вести Став

РСЕ: Пановски – Треба да се врати старата фасада на Владата

Сподели:

Од она што го гледаме од надворешен изглед јасна ни е целата приказна, тоа е кич, и тука нема друг збор. Мислам дека е неминовно враќање на старите фасади на објекти како „НАМА“, како на објектот на Владата, бидејќи од наша страна би било едноставно кукавички да речеме – во ред е, се потрошија пари за да се направи рефасадирање на Владата и толку, ќе не пишува во книги дека не сме направиле ништо, вели претседателот на Асоцијацијата на архитекти на Македонија (ААМ) во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Тој напоменува дека активностите на „Скопје 2014“ веќе се влезени во историја, не само во нашата, како еден преседан во архитектурата и урбанизмот општо во светот.

„По тоа сме некои лидери сега, но во негативен смисол. Асоцијацијата претходно треба да работи на штетите коишто ги прави ‘Скопје 2014’, не како физички изграден простор, ‘Скопје 2014’ направи повеќе штети во однос на ценењето на архитектите, во однос на почитувањето на регулативата“, потенцира Пановски.

Напоменува дека има повеќе проблематични работи овој контроверзен проект. Од негов аспект, најпроблематично е рефасадирањето и бришењето на историјата на градот, односно современа историја и современ карактер кој го има Скопје по земјотресот од 1963-та година. Исто така, проблем е и узурпирањето на јавните простори, вели тој, потенцирајќи дека објекти како НАМА и Владата ги има во книги како европско културно наследство на современата архитектура, во изданија и надвор од Македонија, што според него покажува необразованост на оние што го направија ова.

Во однос на споменуваната ревизија, потенцира дека не треба да се прави некоја класична ревизија, бидејќи не сакаат како архитекти да се случи некој повторно да каже „ова ќе го правиме“, па тие тогаш да реагираат дали е добро или не е добро. Ова е сериозна работа, вели Пановски, не е „дали ми се допаѓа или не ми се допаѓа“.

„Еднаш мора да се разбере нема ‘за’ или ‘против’, не би требало да има, бидејќи ова е еден варварски чин кој буквално беше истеран на сила и ние како архитекти мора да заземеме став како струка, значи – да, ќе има јавно дебати, но прво ќе има стручна дебата. Стручна дебата од која би требало да излезе некаков документ, некаква студија, што со тие објекти, за тоа да го направиме треба да ни се отворат вратите да ги видиме објектите.“

РСЕ

Сподели: