Русија обвинета за воени злосторства по масакарот во градот Буча

Сподели

 

Украинските власти истражуваат можни воени злосторства извршени од страна на Русија, откако пронајдоа стотици тела од кои некои врзани, застрелани и расфрлани низ градовите во близина на Киев по повлекувањето на силите на Кремљ, за да ги пренасочат своите напади во други делови на земјата, пренесе Ројтерс.

Во градот Буча, 37 километри северозападно од центарот на Киев, новинарите на Ројтерс видоа маж како лежеше распослан покрај патот, со врзани раце зад грб и рана од куршум на главата.

Според јавниот обвинител на Украина во околината на Киев биле најдени тела на 410 цивили. Украинскиот претседател, Володимир Зеленски, овие злосторства ги нарече геноцид.

„Сакам целиот политички врв на Русија да види како се извршуваат нивните наредби. Со овие наредби тие имаат споделена одговорност. За овие убиства, за овие мачења, за раце разнесени од експлозии, за куршуми истрелани во грб или во тилот“, рече Зеленски.

„Дадов дозвола за создавање специјален правен механизам во Украина за истрага на секој злостор на окупаторите на територијата на нашата држава. Време е да направиме се` што е возможно да се осигураме воените злосторства на руската војска да бидат последна манифестација на такво зло на Земјата“, додаде украинскиот претседател.

Заменик-градоначалникот на Буча, Тарас Шаправски, рече дека 50 од загинатите жители, пронајдени по повлекувањето на руските сили од градот кон крајот на минатата недела, биле жртви на вонсудски убиства извршени од руски војници, а властите ја обвинија Москва за воени злосторства.

Руското Министерство за одбрана во соопштението објавено во неделата рече дека сите фотографии и видеа објавени од украинските власти за наводни „злосторства“ на руските војници во Буча се „провокација“ и дека ниту еден жител на Буча не претрпел насилство од руските војници.

Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш изјави дека е „длабоко шокиран од сликите на цивили убиени во Буча“ во близина на Киев кој неодамна беше повторно заземен од украинските сили. „Од суштинско значење е независната истрага да ги изведе сторителите пред лицето на правдата“, се вели во соопштението. Украинските власти тврдат дека во градот Буча биле пронајдени тела на десетици убиени цивили, кои ги извлекле по повлекувањето на руските сили.

Германскиот канцелар Олаф Шолц исто така остро ги осуди руските воени злосторства во украинскиот град Буча и побара независна истрага од меѓународните организации.

„Ќе одлучиме за дополнителни санкции заедно со сојузниците во наредните денови. Путин и неговите поддржувачи ќе ги почувствуваат последиците. И ние ќе продолжиме да ѝ обезбедуваме оружје на Украина за да може да се брани од руската инвазија“, изјави Шолц.

Британскиот премиер Борис Џонсон рече дека неговата земја ќе ги зголеми санкциите кон Москва и ќе ја зајакне воената помош за Украина по „одвратните руски напади врз цивили“во Буча и Ирпин во близина на Киев./meta.mk