Русија вчера извршила 400 ракетни напади во источна Украина

Сподели

 

Руските сили во текот на вчерашното деноноќие истрелале 400 ракети во источниот дел на Украина, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски, пренесува Гардијан. Ракетните напади продолжуваат, а претседателот Зеленски вели дека и покрај влошувањето на временските услови, најжестоките битки во земјата се водат во Донецкиот регион. Руските сили се повлекоа од десниот брег на реката Днипро во Херсонскиот регион, што пак им овозможи да прераспределат дел од војската и опремата во Донецкиот и Луханскиот регион.

Гардијан цитира висок претставник на американскиот Пентагон, којшто укажува дека порастот на руските ракетни напади врз Украина е делумно испланиран за да ги исцрпи украинските резерви за противвоздушна одбрана, за Русија да постигне доминација на небото над Украина.

Британското Министерство за одбрана во најновиот извештај информира дека Русија формира одбранбени позиции околу градот Сватове во Луханскиот регион, со делумно екипирани и слабо обучени мобилизирани резервисти. Во извештајот се наведува дека секторот околу градот Сватове веројатно сега е поранливо крило на руските сили на украинскиот фронт, откако претходно Русија се повлече на источниот брег на реката Днипро.

Според извештајот на британското Министерство за одбрана, Русија најверојатно, задржувањето на контролата врз градот Сватове ќе го гледа како политички приоритет, иако нивните команданти веројатно се борат со воената реалност за одржување на стабилна одбрана, а исто така се обидуваат да обезбедат ресурси за офанзивните операции на југ во Доњецк.

„И руските одбранбени и офанзивни способности продолжуваат да бидат попречени од големиот недостиг на муниција и квалификуван персонал“, се додава во извештајот.

Во меѓувреме, украинските власти успеаја во рекорден рок да го оспособат железничкиот превоз помеѓу ослободениот град Херсон и Кијив. Првиот патнички воз меѓу двата града пристигна во ослободениот град Херсон, што предизвика радост меѓу украинските граѓани на железничката станица, но и помеѓу патниците кои пристигнаа во ова населено место на југот на Украина, пишува Би-би-си.

мета.мк