Руско ракетирање на Одеса – најмалку 6 повредени лица

Сподели

 

Најмалку шест цивили се повредени во руското ракетирање на регионот Одеса во текот на изминатата ноќ, јавува Укринформ. Седум ракети „Калибар“ биле истрелани од Црното море, при што погодено било село во овој регион. Три куќи биле уништени од бомбардирањето, а меѓу повредените лица е и едно дете. Оштетени се и училиште и културен центар.

Борбите продолжуваат во Донецкиот регион, каде во изминатово деноноќие најмалку еден цивил загинал, а двајца се повредени во градот Авдивка, пренесува Укринформ. Украинските власти информираат дека под артилериски напад се населените места Долина, Новомиколаивка, Велика Комушуваха во правецот на Словјанск, додека во правецот на Краматорск биле ракетирани населените места Билохоривка, Бохородичне, Краматорск, Донецке, Спирне, Сиверск. Изминатово деноноќие нападнати биле и градови и села во правецот на Бахмут.

Украинските власти информираат дека изминатово деноноќие нивната авијација успеала да уништи депоа со оружје и војници во областите Миколаив и Херсон. Најмалку 65 руски војници загинале во нападите, јавува Укринформ.

Во меѓувреме, Гардијан ги пренесува информациите на британските разузнавачки извори, во кои се наведува дека Русија има проблем со одржувањето на ефикасна борбена моќ за натамошна офанзива на нивните сили на фронтот. Руските планери со соочуваат со дилема помеѓу распоредувањето на новите резерви во Донбас каде што ја водат офанзивата или пак нивно испраќање во областа Херсон на југот на Украина каде што се соочуваат со континуирана контраофанзива.

Инаку, откако украинскиот претседател Володимир Зеленски ги смени од раководните позиции главната обвинителка и шефот на украинската тајна служба, вчера го назначи бригадниот генерал Васил Малјук за нов раководител на Службата за безбедност на Украина (СБУ)./Мета.мк