САД: Русија ја нападна Украина со севернокорејски балистички ракети

Сподели

 

Русија почна да користи балистички ракети обезбедени од Северна Кореја за да ја нападне Украина, соопшти Белата куќа. Вашингтон, исто така, тврди оти Русија преговара со Иран за купување балистички ракети со краток дострел, јавува Гардијан.

Проценката на американските разузнавачки служби е дека иранските ракети сè уште не пристигнале во Русија, но оти ќе биде постигнат договор.

Портпаролот на Советот за национална безбедност на САД, Џон Кирби, вчера изјави дека Русија на 30 декември истрелала севернокорејска балистичка ракета во Украина, но ракетата паднала на отворено поле. Според Кирби, руските сили лансирале повеќе вакви проектили како дел од големите напади од 2 јануари.

„Делумно поради нашите санкции и контрола на извозот, Русија стана сè поизолирана на светската сцена и беа принудени да бараат воена опрема од истомисленици. Како што предупредувавме јавно, една од тие држави е Северна Кореја“, изјави Кирби.

Според него, дострелот на севернокорејските ракети е 900 километри, а за возврат, се очекува Русија да испорача борбени авиони, ракети земја-воздух, оклопни возила, опрема за производство балистички ракети и други напредни технологии.

„Ова би имало безбедносни импликации за Корејскиот полуостров и индо-пацифичкиот регион“, рече Кирби.

Тој додаде дека, како одговор, САД ќе воведат санкции за оние кои се вклучени во олеснувањето на трансферот на оружје и ќе го отворат прашањето за руската трговија на оружје со Северна Кореја во ОН, како кршење на меѓународното ембарго за вооружување.

Кирби рече дека купувањето оружје од странство на Москва треба да служи како потсетник за американскиот Конгрес за последиците од неуспехот да го усвои пакетот за снабдување на Украина со оружје./Мета.мк