Вести Свет Ударни вести

САД: Ураганот Ирма може да премине во интензивна тропска бура

Сподели:

Се очекува ураганот Ирма, којшто ја погоди американската сојузна држава Флорида, и кој се движи кон северозапад, да премине во интензивна тропска бура, јавува Anadolu Agency (AA).

Интензитетот на ураганот, кој вчера ги погоди јужните делови на Флорида, со брзина на ветрот од 210 километри на час се намали на ураган од втора категорија.

Од американскиот Национален завод за урагани е соопштено дека интензитетот на ураганот е намален. Сепак, опасноста од налетите на ветрот со брзина од 160 километри на час, кој се движи кон градот Тампа, кој пак го населуваат околу три милиони жители, сѐ уште не поминала.

Во соопштението се наведува дека ураганот во утринските чавсови по локално време, на северот од Флорида и на југот од Џорџија би можел да премине во тропска бура.

Ураганот Ирма зад себе остави значителна материјална штета. Околу четири милиони станбени и деловни објекти останаа без напојување со електрична енергија, поради што во таа сојузна држава е прогласена забрана за излегување на улиците сѐ до утрото.

Силен ветер во Мајами превртуваше стебла, а во Форт Лодердејл паднаа четири крана.

Поради ураганот во текот на викендот, во таа држава беа откажани околу 9.000 летови. Меѓународниот аеродром Мајами ќе биде затворен и денес.

Официјалните лица претходно истакнаа дека како резултат на ураганот Ирма смртно настрадале три лица. Ураганот пред да ги погоди САД, на Карибите однесе најмалку 28 животи.

Донесена е одлука за евакуација на скоро една третина од населението на Флорида (околу 6,5 милиони луѓе), а вонредната состојба (потполно или делумно) е прогласена во сојузните држави Северна Каролина, Јужна Каролина, Џорџија и Вирџинија.

Сподели: