САД, Велика Британија и Франција ja бомбардираа Сирија

Сподели

САД, Велика Британија и Франција ги бомбардираа позициите на силите на режимот на Асад во Дамаск, Хама, Хомс, Дера и Сувејда, како одговор на нападот на режимот на Асад со хемиско оружје во Источна Гута.

За време на нападот, во првата фаза се бомбардирани позиции во Дамаск, аеродромот Думејр, околината на Меѓународниот аеродром во Дамаск, Научно-истражувачкиот центар Чемерје, одбрамбениот систем на планината Касјун и позиции во регионите Кисве и Каламун.

Медиумите на режимот на сирискиот претседател Асад тврдат дека со помош на одбрамбени системи одредени ракети истрелани кон Сирија се уништени во воздух.

Доналд Трамп изјави дека Русија “скрши ветувања” за елиминација на хемиското оружје. Москва, од своја страна, ја опишува воената операција како “навреда за рускиот претседател”, пренесува Ле Монд.

Сириските власти ја осудија, како што нагласија, „варварската и брутална агресија“ на западните земји врз Сирија.

Според Дамаск, нападите што рано изутринава ги извршија САД, Велика Британија и Франција, имале за цел да ја спречат мисијата на Организацијата за забрана на хемиското оружје (ОЦВБ), која требаше да почне денеска во Дума, со задача да утврди дали во тој град минатата сабота бил извршен напад со хемиско оружје,

– Главна цел на агресијата е да се спречи работата на тимот и да се изврши притисок врз мисијата во обид за прикривање на лагите и измилсиците на Западот, се наведува во реакцијата на сириските власти.

Дамаск во соопштението посочува дека нападите нема да ја поколебаат сириската армија во нејзината решителност да ја засили борбата против бунтовниците и да воспостави контрола врз целата територија на земјата.

– Таа агресија само ќе ги зголеми тензиите и ќе ја загрози меѓународната безбедност, се истакнува во соопштението.