Сали: Сите лица на инсулинска терапија се навремено снабдени со потребната терапија

Сподели

 

“Заради неодложни работни обврски спречен сум лично да присуствувам на денешното одбележување по повод 14 ноември – Светскиот ден посветен на подигнување на свесноста за дијабетесот.

Статистиката говори дека во светски рамки, дијабетесот е еден од најбрзо растечките глобални здравствени проблеми кој достигна алармантно ниво. Денес, повеќе од половина милијарда луѓе живеат со дијабетес во светот, или 1 од 10 лица од светската популација, а дополнително во светски рамки бројот на деца и адолесценти со дијабетес бележи драматичен раст на годишно ниво.

Според податоците од Мој Термин, во нашата држава со дијабетес мелитус  вкупно има 135 илјади пациенти, од кои со дијабетес тип 1 се 5.500 пациенти, додека на инсулинска терапија се 43 илјади пациенти.

Значајна новина во Програмата за дијабетес за следната година е обезбедувањето средства во Буџетот за 2023 година за набавка на сензори за континуирано мерење на шеќер во крвта за деца до 18 години и бремени жени кои примаат инсулинска терапија.

Овие сензори првпат во државата се обезбедуваат со средства од буџетот, а ќе бидат бесплатни за овие пациенти. Станува збор за околу 700 деца и трудници.

Друга новина ќе се реализира во соработка со Клиниката за детски болести, каде ќе биде отворен Едукативен центар во рамки на клиниката, имајќи ја предвид важноста на едукацијата од педијатрите-ендокринолози, што е клучна за што е можно поквалитетен третман на децата.

Инаку, Министерството за здравство и Националната комисија за дијабетес која функционира во рамки на Министерството, во континуитет ги следи современите трендови во третманот на дијабетесот. Во изминатиот период се воведени нови формулации на инсулини, анолози со подобар безбедносен профил и пофлексибилен начин на дозирање. Исто така, се обезбедени лекови со докажан кардиоваскуларен и ренопротективен бенефит за ризик групите со кардиоваскуларни проблеми, срцева слабост, ренално засегање. Воедно, зголемен е бројот на инсулински пумпи кај тип 1 дијабетес, од 50 на 70 пумпи.

Министерството за здравство е целосно посветено на обезбедување најквалитетен третман за сите пациенти со дијабетес мелитус, а воедно сите лица на инсулинска терапија се навремено снабдени со потребната терапија”, се огласи денеска министерот за здравство, Беким Сали.