СДСМ: Привремена забрана за вршење должности на Трајко Славески и останатите во НБРМ за Алта банка

Сподели:

СДСМ бара привремена забрана за вршење должности на гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, и останатите инволвирани во случајот со Алта банка, по поднесената кривична пријава против нив, со цел да се спречи влијание врз сведоците и можно уништување на документацијата, посочи генералниот секретар на СДСМ, Александар Саша Димитријевиќ, на денешната прес-конференција.

„Бараме и мерки на претпазливост за Трајко Славески и останатите лица, вклучително привремена забрана за вршење должности на сите инволвирани, за да се спречи влијание врз сведоците и можно уништување на документацијата“, истакна Димитријевиќ.

СДСМ денеска поднесе кривична пријава против гувернерот Трајко Славески и други службени и одговорни лица во Народната банка, барајќи одговорност за сите инволвирани во случајот со Алта банка.

„Организираната криминална група на Мицкоски, панично ја штити банката на Вучиќ. Сакаат да го заташкаат скандалот со внесувањето на Алта банка во Македонија, да се спасат од одговорност, да сокријат сметки, трансакции, потекло на капитал. Нема да можат. Алта банка е огромен финансиски скандал и одговорност ќе има! За сите! Бараме одговорност за сите инволвирани во Алта банка! Сите што ја отворија вратата и ја внесоа Алта банка во Македонија, што не провериле потекло на капитал, сопственик, ризик, што ја дале согласноста и што не ги заштитиле интересите на граѓаните на Македонија“, рече Димитријевиќ.

Образложувајќи ја кривичната пријава, Димитријевиќ посочи дека таа е темелна, аргументирана и правно издржана, со конкретни правни основи за утврдување кривична и институционална одговорност на сите кои учествувале во процесот на преземање и одобрување на Алта банка.

„Бараме да се утврди зошто не била проверена репутацијата на сопственикот, потеклото на парите и ризиците за сигурноста и стабилноста на банката. Давор Мацура зошто не го провериле? Сомнителниот капитал зошто не е проверен и така натаму“, рече Димитријевиќ.

Тој посочи дека во кривичната пријава се бара обвинителството да ја прибере целокупната документација за преземањето на Алта банка, вклучително и стручните елаборати, записниците, дадените согласности и целокупната комуникација со домашните и странските институции.

„Во пријавата бараме прибирање на целокупното досие за преземањето, стручните елаборати, записниците, согласностите и кореспонденцијата со домашните и странските институции. Бараме проверка на прекуграничните трансакции и сослушување на сите лица што учествувале во одлучувањето и надзорот“, истакна Димитријевиќ.

Тој упати директен повик до обвинителството и обвинителот Ненад Саевски да постапат независно, без политички влијанија и притисоци, и да ја утврдат одговорноста на сите инволвирани.

„Одговорноста треба да се лоцира, институциите мора да постапат. Обвинителот Ненад Саевски има шанса да ги одбие повиците на Мицкоски и да покаже дека може да работи независно, по Закон. Или да стане соучесник на оваа организирана криминална група и да ги штити“, порача генералниот секретар на СДСМ, Александар Саша Димитријевиќ.

Сподели: