„Сè што ни е заедничко“ меѓународна изложба во МСУ

Сподели

 

„Сè што ни е заедничко“ е меѓународна изложба составена од дела на уметници кои се во потрага по заемни мрежи на поддршка, исклучително потребни во состојби на општа несигурност, со намера да го отстранат прекаријатниот општествено конструиран дискурс и неговите манифестации во контекст на глобалните сегашни и историски неправди.
 
Кураторкa на изложбата е Јованка Попова.
 
Изложбата е организирана од Музејот на современа уметност – Скопје и ќе биде отворена на 20 октомври (петок) 2023 година, со почеток во 20 часот.
Уметници чии дела ќе бидат изложени во оваа поставка се: Дарко Алексовски (РС.Македонија) , Мерием Бенани (Мaроко/САД) и Ориан Барки (Израел/САД), Јакуп Фери (Косово/Холандија), Игор Грубиќ (Хрватска/Италија), Капвани Киванга (Канада /Франција), Илија Прокопиев (С. Македонија/Словенија), Зорица Зафировска (РС.Македонија), Дриант Зенели (Албанија/Италија) и Лана Чмајчанин (Босна и Херцеговина/Австрија).
 
Изложбата третира теми од низа историски и современи случувања, вклучувајќи глобални конфликти, родова експлоатација, колонијализам, расизам, нехуман третман кон мигрантите, суровост врз животните, здравствени кризни состојби, индивидуални и колективни состојби на кршливост и кревкост. Ставен е нагласок на тоа како овие настани, процеси и ситуации продуцираат нееднаква динамика на моќ, насилство и штета врз маргинализираните, но и потреба да се најде начин за излез надвор од рамките на личното и политичкото затвореништво.
 
Изложбата го нагласува и сомнежот кон апсолутизмот на антропоцентризмот како масовно моќен концепт, а и кон специфичните истории на неправди што ги крие. Политички и чувствено ги открива сложените вкрстени мрежи на ранливост и вина што постојат меѓу нас, другите видови и меѓу луѓето од минатото, сегашноста и оние кои допрва доаѓаат.
 
Во она што се нарекува шок од антропоцентричност, уметниците размислуваат за генерирање на нови политички аргументи, нови наративи, нови јазици и нови начини на уметничко ангажирање, за итно преиспитување на човечкиот и нечовечкиот живот надвор од воспоставените стандарди за вреднување и однесување.
 
Како резултат на тоа, изложбата има за цел да го истражи „колаборативниот опстанок“ развиен преку уметнички дела во кои антропоцентричното размислување се помирува во имагинација и наратив за преживување, следејќи различни форми на поврзување, зависности и симбиози за заемно спасување.
 
Истовремено, ја испитува грижата како интимна врска што ги вкрстува социјалното и политичкото, субјективноста и солидарноста во рамките на емоциите, политиката, екологијата и заедницата.
 
Дизајн: Илиана Петрушевска. Инспириран од типографијата „Архетип отворена форма“ на Христина Иваноска.
 
Изложбата е финансиски поддржана од Министерство на култура на РС Македонија и Тиквеш.