Вести Свет Топ теми Ударни вести

Се води битка за Киев, ракети паѓаат по улици

Сподели:

 

Во северен Киев во моментов се одвива битка меѓу украинските одбранбени сили и руските војници, кои се обидуваат да се пробијат до центарот, односно до објектите на власта на Украина. Официјалните извештаи од терен се скудни, но на социјалните мрежи граѓани објавуваат видеа за руски ракети што паѓаат во населбите. (meta.mk)

Во меѓувреме, разузнавачките служби на САД се загрижени дека Киев во следниве денови би можел да падне под руска контрола, јавува Си-Ен-Ен. Според извори што ги цитира медиумот, првичните проценки правени пред почетокот на инвазијата (вчера рано наутро) се дека украинскиот главен град би можел да биде освоен за еден до четири дена.

Си-Ен-Ен објави и фотографија од станбена зграда во Киев погодена од ракетен напад, на која се гледа како жители се обидуваат да избегаат.

Едно видео објавено на Твитер покажува ракета како паѓа на улица во Буча, северозападно од Киев. Веродостојноста на видеото ја потврдува Би-Би-Си.

 

 

Претходно беа објавени видеа од движење на тенкови во северната киевска населба Оболон, чија што веродостојност Би-Би-Си исто така успеала да ја потврди.

Граѓани се обидуваат да избегаат од Киев или се кријат во засолништа и подруми и во некои метро станици. Слична е ситуацијата и во многу населени места, но Би-Би-Си објави и репортажа за воз кој е упатен од градот Днипро кон Киев. Жители на Днипро и околните населени места сакаат да се засолнат кај свои роднини во Киев, оти се уплашени дека хемиската фабрика во градот би можела да стане следна цел на руските ракети.

Претпладнево руски пешадиски единици и тенковски колони влегоа во северниот дел на Киев, а колку напредуваат засега е неизвесно. Се знае само дека украинските вооружени сили се борат со војниците на рускиот агресор. На навлегувањето на војската и на оклопните возила му претходеше ракетирање и гранатирање на северните делови на Киев. Сирените за тревога речиси постојано се огласуваат.

Во однос на битките во другите делови на Украина, според извештаите на „Укринформ“, украинската армија соопшти дека уништила околу 20 руски тенкови кај Мена, во регионот Чернихив, а се утврдуваат загубите на човечки животи меѓу украинските војници. Според истиот извор, била уништена и колона руски возила што се движела од Рипки кон Чернихив, како и непознат број на повеќецени ракетни лансери „Град“ кај Харкив, на североистокот на Украина.

Битка претпладнево се водеше и кај градот Мариупол, во едно село, каде украинските сили жестоко се борат со руските воени единици што се обидуваат да се пробијат до градот, соопшти градоначалникот на Мариупол.

Украинскиот министер за одбрана Олексиј Резников соопшти дека зборувал со негови колеги од други земји што даваат материјална поддршка на Украина и биле ветени нови достави на оружје.

Борби на војници, артилерски и ракетни, но и воздушни напади се случуваат во голем број други места низ Украина. Од вчера во рацете на рускиот окупатор е и нуклеарката „Чернобил“.

Сирените и пукотниците и детонациите ги престрашуваат не само луѓето што бегаат од населените места каде што се водат борби, но и животните. Сепак, со себе ги земаат и своите миленичиња.

Во артилериските и ракетните напади во Харкив, настрада и зоолошката градина, но засега не се знае точно колкава е вкупната штета и дали има повредени или убиени животни.

Сподели: