Претседателот на Алијансата на Албанците, Зијадин Села, денеска поднесе иницијатива до Уставниот суд за оценување на уставноста на измените на Законот за прекршоците, кои се донесени со цел имплементација на проектот „Безбеден град“.
Според него, законот не предвидува пораките за прекршоците од „Безбеден град“ да бидат двојазични, туку се испраќаат само на македонски јазик и со тоа го крши Законот за употреба на јазиците.
„Јас имам право да не носам телефон со мене, имам право да немам емаил адреса. Единствено е законска должност да имаме адреса каде живееме. Ако веќе може да се предвиди такво законско решение, тогаш граѓаните би морале постојано да ги пријавуваат промените на бројот или мејл-адресата во полицијата. И во контекст на еднаквноста на граѓаните не може проектот да се имплементира само во три града, а другиот дел од територијата на државата да не биде покриен.“, изјави Села по поднесувањето иницијатива до Уставниот суд.
Исто така, изјави Села, со овој закон се удира врз целото население на РС Македонија, врз сите граѓани и никако не е дозволено да помине со брза постапка. Прашањето што може да се постави е зошто за проектот кој веќе со месеци се промовира од страна на Владата иницијативата се прави од пратеници во Собранието. Еве едно јавно прашање: Што сака да скрие Владата? Зошто самите не излегоа со оваа иницијатива?


