СЕММ: Работата на новинарите, фоторепортерите и другите медиумски работници мора да биде ослободена од какви било закани и притисоци

Сподели

Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) очекува од Владата на Република Македонија да го разгледа вчерашниот случај во кој на неколку фоторепортери им бил ограничен пристапот во работата за време на лидерската средба во Клубот на пратеници.

Служењето на претставници на власта со непримерен речник и дрскост во односот со медиумските работници е недозволиво, што е, исто така, во спротивност со одредбите во Етичкиот кодекс за државниците службеници. Работата на новинарите, фоторепортерите и другите медиумски работници мора да биде ослободена од какви било закани и притисоци, а државата во согласност со член 10 од Европската конвенција за човекови права е одговорна за преземање на сите активни мерки со цел да се создаде и одржува поволна клима за слобода на изразување. Потсетуваме дека ваквата одговорност произлегува и од препораките на Комитетот на министри на Советот на Европа околу заштитата на новинарството и безбедноста на новинарите и другите медиумски актери.

Токму затоа, од службата за односи со јавноста и воопшто од претставниците на власта се очекува да покажат максимално разбирање за потребите на медиумските работници и да ги обезбедат неопходните услови за непречено остварување на нивните права и интереси.  Какво било попречување и вознемирување во нивната работа ќе влијае и врз начинот на кој ќе работат и известуваат.

Државата и нејзините институции мора да имаат предвид дека е потребно континуирано да имаат афирмативна улога во поттикнувањето на слободата на медиумите, слободата на информирањето и слободата на изразување. Секаде каде што овие слободи се под ризик, ќе биде под ризик и улогата на медиумите во демократските процеси и владеењето на правото.