Вести Македонија Ударни вести

Северна Македонија и Албанија ќе пристапат кон взаемна размена на автоматизирани податоци

Сподели:

 

Делегација од Министерството за внатрешни работи составена од членови на Кабинетот на заменик министерот за внатрешни работи Назим Буши, помошник министерот на Одделот за ЕУ и меѓународна соработка, помошникот министерот за правни работи, судски постапки и управување со човечки ресурси, како и претставници од Одделот за криминалистичко технички испитувања и вештачења и од Одделот за информатика и телекомуникации, реализираше студиска посета на Министерството за внатрешни работи во Тирана, Република Албанија, во организација на Секретаријатот на Конвенцијата за полициска соработка на Југоисточна Европа (КПС ЈИЕ) и Министерството за внатрешни работи на Република Албанија.

 

 

Целта на посетата беше размена на искуства околу практичната примена на Договорот за автоматизирана размена на ДНК податоци, отпечатоци од прсти и податоци за регистрација на возила, сложеноста на областите и различните степени на функционалност и поставеност на базите на податоци кои треба да се разменуваат меѓу двете земји.

Во рамки на посетата беше одржан и заеднички состанок кој го отвори заменик министерот за внатрешни работи на Република Албанија, Бесфорт Ламаљари, кој истакна дека од голема важност е двете земји да соработуваат во областа на автоматизираната размена на податоци, со цел зголемување на безбедноста на двете земји и во регионот.

 

 

Раководителот на Секретаријатот на КПС ЈИЕ, Отавио Ботекја истакна дека двете земји се меѓу првите што ја ратификувале Конвенцијата и кои ќе ја стават визијата на Конвенцијата во пракса, односно ќе бидат првите земји во рамки на Конвенцијата кои ќе пристапат кон взаемна размена на автоматизирани податоци.  

Помошник министерот на Одделот за ЕУ и меѓународна соработка, Муамет Реџепи посочи дека ова претставува одлична можност за размена на идеи и воспоставување исклучителна соработка која е од интерес на сите во исполнување на поставените цели и резултати, а воедно напомена и дека Одделот за криминалистичко технички испитувања и вештачења прерасна во лидер во регионот во областа на форензичката дигитализација.

На состанокот презентации имаа и претставници од Инстиутот за научна полиција и Директоратот за информатичка технологија на Република Албанија, при што беа прикажани активностите на двете институции и системите со кои располагаат. 

Сподели: