ШК Алкалоид есенва ќе се фокусира на меѓународните настапи

Сподели

Шаховскиот клуб „Алкалоид“ имаше исклучително активен период во кој настапи на сите државни првенства, атакувајќи на првите места во сите конкуренции.

Шампионски титули освоија ИМ Тони Лазов и ЖИМ Габриела Коскоска, кои на поединечните првенства станаа национални шампиони во машка и во женска конкуренција, наследувајќи ги на овие позиции минатогодишните прваци ВМ Звонко Станојоски и ЖФМ Моника Стојковска, исто така членови на ШК Алкалоид.

Ова беше прекрасен вовед во државните екипни првенства, во кои ШК Алкалоид тргна во одбрана на двете титули. Во машка конкуренција, со целосна доминација и со максимален број на поени, беше освоена вкупно 26. шампионска титула во 32 настапи на клубот (сметано од 1992 година до денес), а 12. освоена едноподруго! Во женска конкуренција, без пораз, но со еден нерешен резултат, шахистките го поделија првото место, но според тај-брејк параметрите го добија пехарот за второто место.

Следните свои предизвици најтрофејниот спортски колектив во Македонија ќе ги има на меѓународната сцена, каде што го очекува настап во Европскиот клупски куп, кој оваа година во октомври се одржува во Врњачка Бања, соседна Србија. Претходно, во 2016 година, ШК Алкалоид стана европски првак во екипна конкуренција, а во 2017 година беше второпласиран.

Oваа сезона се формираше ШК Мулти Есенс, клуб наменет за младите шаховски таленти кои произлегуваат од школата на ШК Алкалоид. Постарите напредни младинци, кои, исто така, имаа успеси во поединечните и во екипните првенства во јуниорска конкуренција, овојпат играа во сениорска конкуренција и најпрвин преку квалификации се пласираа во Втората лига, а потоа успеаја да го освојат второто место во неа, со што се здобија со право на настап во 2025 година во најквалитетното екипно натпреварување во државата, Првата лига.