ШТО СО ВМРО? – Мерсел БИЉАЛИ

Сподели

Во древна Индија еден суров махараџа од фамилијата Водејар од државата Карнатаци, наумил да стане Бог. Својата огромна палата Амба Вилас ја прогласи за божје живеалиште. Го повикал верскиот поглавар и му ја пренел желбата, но и му се заканил да ако слушне дека некој спомнува некој друг бог освен него, за глава ќе остане понизок. „Ако светлината е бог, гледаш ли дека само во мојот замок има светлина, а се наоколу мрак“ – грубо му се обрати махараџата. Не помина многу време и махараџата тешко се разболел. Од никаде му немало спас. Пак го повикнал верскиот поглавар и му се пожалил дека во палатата не гледа веќе светлина туку само мрак и темнина. Знаете – му возврати поглаварот – мракот и светлината често ги менуваат страните. Сега светлината е надвор од палатата – завршил поглаварот.

Кај нас мракот и мрачните сили владееле полни единаесет години. Изградиле огромна бела палата, дури претендирале и богови да станат. Од таа светла бела палата извирал само мрак и мрачен живот кај луѓето. За да се сокрие таков мрак се изгради светлечкото „Скопје 2014“, но мракот стана уште повидлив. Најсилно оружје на тие мрачни сили биле поделбите во државата – по етничко, верска, политичка, генерациски, историска и по секоја друга основа. Тоа резултирало со многуслојна поделба во општеството – политичка, културна, социјална, ментална, карактерна, па и човечка во тесна смисла. Нечесните и плашливците морале да веруваат во лажните богови, а чесните и храбрите принудно биле сместени по мачеништвата на сатаната. Сето тоа попратено со медиумскиот мрак и мрачни медиуми. Познато е дека до мракот секогаш е и стравот, кој има за цел, сѐ наоколу да парализира. Не можете да се движите оти ви е страв да не паднете во амбис. Не можете да говорите оти се плашите дека ќе ве прислушкуваат. Страв ви е да се грижите за себе, да прашувате, дури и да мислите. А лажните богови граделе огромни финансиски палати над страшната човечка судбина.

Замислете за единаесет години, нашите соседи во просек го дуплираа националното богатство, а ние станавме дупло посиромашни и три пати позадолжени. И сега без микрон срам зборуваат за задолженоста, за лошото менаџирање, за осиромашување на луѓето. За сто дена бараат да биде добро нешто што 11 години го уништувале! Нивниот инекзистентен натерал поради гола егзистенција 650 илјади млади да ја напуштат државата, во потрага по живот во туѓина. нешто што не можеле да ја најдат во својата татковина. Оти власта наместо да им обезбеди живот, ги труела со омраза. Со такво темпо на иселување, по 30 години во Македонија ќе останеше без живи луѓе. Само со мртви споменици и тажни спомени – “Портата на егзодусот“ „Страдалник на коњ“ „Музејот на иселениците“, “Ќосето и закланата Јустиција“. Тогаш сите ќе сфатат дека антиката ти била само Тројански коњ.

Српска бизнис политика!

По решавањето на проблемите со Бугарија и силните позитивни пораки кон сите соседи вклучувајќи ја и Грција, на мрачните сили им падна мрак на очи. Сакаа тоа да го минираат оти Грција не смее да остане осамена во спорот, па целиот меѓународен притисок да се фокусира врз неа, со што видно би поентирала новата власт. Па, затоа некој со мрачен ум ги замоли „браќата“ за да не нѐ прогласуваат за регионален прислушкувач, со тенденција, во блиска иднина да можеме да ги прислушкуваме и Трамп и Путин. Значи „смо им забили нож у леѓа“. Но, сосема брзо се увиде скриената цел, оти целата игра беше многу проѕирна. Целта беше да на секој можен начин да се спречат реформите во државава и нејзината интеграција во НАТО и ЕУ, а со тоа и соочувањето со правдата. Српската власт со години настојува дење да се дружи со Русите, а ноќе со Американците, па оттука и нејзините постапки зависат од тоа кому од овие два партнера нешто им паднало на ум, за да потоа преку ноќ се да се смени, за да му удоволи на другиот партнер. Србите со вешта игра – дали ќе купуваат руски „Миг29“ или американски „Ф16“, доста профитираат од Брисел. Или пак, Србите најавуваат наводно дека од Русите ќе купуваат ракетен систем S-300, а потоа штом го добијат тоа што го сакаат од Брисел, бизнисот се одложува. Со вакви бизнис рамки треба да ја третираме и играта со Македонија. Имено, некогашниот висок претставник на меѓународната заедница за БиХ, Волфган Петрич, мисли дека на Путин реално не му е толку до Србија, туку тој само тера инает со европејците. Тоа Србите го знаат, а европејците – не. Па затоа и треба да платат.

Конечно, треба да знаеме дека нарачателот на сите нови проблеми со некои соседи е во Скопје. Тој нарачател продолжува да верува во невозможното и затоа ќе го постигне апсурдното.

ВМРО-ДПМНЕ во ќорсокак!

Груевски сонува за враќање на власт, несвесен дека тоа нема ниту теоретска можност. Таков негов сон доста ќе го чини на ДПМНЕ. Тој треба да сфати дека веќе не може по ниедна логика и нелогика да биде политичка понуда. Тоа е толку јасно што веќе не е потребна никаква анализа ниту за внатрешната ниту за меѓународната позиција. Сам по себе зборува фактот, дека земјата од регионален лидер и успешна приказна стана бедна и проблематична земја на Балканот. Тоа го кажа пред една година дена Андреас Ернст од швајцарскиот „Noje Cirher Cajtung“, објавувајќи портрет на Груевски со комплимент на Фирер. Си-Ен-Ен и „Фајненшл тајмс“ објавија статија, наведувајќи дека Македонија е петта во светот по лошата економија, осма по мизерија, а меѓу првите по колективната несреќа. А угледниот “The Economist“ ни предвидел висок степен на бунт.

Можно е пак за локални избори да се игра со докрај деструктивната националистичка карта мислејќи на спас. Но, заврши ерата кога се можело полесно луѓето да ги наговорите на омраза отколку на нормален живот. Оттука, тоа што со месеци се прави во парламентот не се доживува поинаку освен како овластено дистрибутерство на магла. Секој што има малку ум, пропагандата за бегалците ќе ја нарече – Не викај иш таму кај што нема кокошки! Секое понатамошно самолажење, може да доведе само до дополнително тонење во жив песок. Тогаш веќе нема да може да помогне ниту прозападниот и харизматичниот Љубчо Георгиевски.