Вести Македонија Статуси Ударни вести

Фејсбук преписка помеѓу Силјановска – Заев

“Вчера, некој ми кажа дека нашиот премиер објавил мошне важна вест на својот профил na фејсбук. Си реков, да не дошле конечно Гугл (Google) и Фејсбук (Facebook) во Македонија? Или можеби 15 нови млади старт-ап компании отвориле 15 нови работни мести за високо образовани инженери (не зборувам за старт-ап компаниите поддржани од Фондот за иновации кои на срамен начин парите наменети за креативците им ги дадоа на сдсмовската политичка, клептократска, и медиумска клика, туку за оние вистински млади јунаци коишто тука градат свои компании)? Се израдував и дека можеби 15 студенти регистрирале 15 патенти, потпомогнати од Владата или дека 15 земјоделци засадиле 15 нови лозја, изградиле 15 хипермодерни стакленици за патлиџани со највисока технологија или создале 15 нови сточни стада со нови раси. Си велам, да не 15 ученици или студенти од Македонија победиле на 15 светски натпревари по математика, физика, роботика, астрономија? Или, пак, 15 спортисти зеле златни медали на првенства и направиле 15-милионски трансфери во клучните светски клубови? Или 15 млади македонски писатели и поети завршиле на кусите листи за 15 клучни светски литературни награди? Но, не била за тоа објавата…

Замислете, почитувани граѓани, нашиот премиер, сред кампања нашол време да објави кои 15 компании добиле лиценца за производство на марихуана. На што се сведе нашава Македонија? Наместо да објавуваме важни вести за развој на индустријата, за поддршка на старт-ап бизниси, за воскреснување и вознес на македонската култура, иновативност, спорт и уметност, ние имаме премиер за кого важна вест и досега единствен економски проект во двегодишното работење е давањето лиценца за производство на марихуана!” ФБ статус, Гордана Силјановска Давкова

Премиерот Зоран Заев со реакција до Силјановска Давкова, на својот ФБ профил

“Навистина жално што Гордана Силјановска Давкова дозволила ВМРО-ДПМНЕ да ѝ ги пишува статусите на фејсбук. Професорката требало да се информира пред да ѝ дозволи на партијата да поставува прашања дали Владата поддржала барем 15 старт-апи и дали се отвориле барем 15 нови работни места.

Бидејќи не прочитала, ќе ѝ повторам на Силјановска неколку факти презентирани и со видео порака за подобро да ги запамети:

Агенцијата за вработување во 2018 година поддржа 1191 бизниси отворени од наши граѓани кои ја искористиле мерката за самовработување. Од нив 509 се млади. Не 15, туку 509.

Во 2018 година се отвориле вкупно 26.600 нови работни места. Не 15.

424 млади земјоделци, не 15, добија поддршка да започнат сопствен бизнис, да инвестираат во производство или да набават механизација, преку грантови од по 10.000 евра.

А, фирмите коишто произведуваат медицински канабис, покрај тоа што помагаат на тешко болни лица, вработуваат и 300 граѓани низ целата држава, бројка која само ќе се зголемува.

Ја повикувам да погледне во смиреноста и спокојството кај само едно детенце кое се бори со епилепсија кога го прима лекот од масло од канабис. Да не зборувам за помошта кои овие лекарства ја даваат при справување со другите болести.

Се прашувам, што имаат Силјановска и Мицкоски против новите 26 илјади работни места во нашата земја, што имаат против инвестициите, против развојот на земјоделството и против растот на БДП? И конечно, што имаат против здравјето и против употребата на канабисот во медицински цели?”- ФБ статус на премиерот Зоран Заев.

Сподели: