Уапсен Џулијан Асанж во Лондон

Сподели

Британската полиција го уапси основачот на Викиликс Џулијан Асанж, последен чекор од правната драма која трае седум години, пренесе VOA.

Асанж пронајде прибежиште во амбасадата на Еквадор во Лондон и таму живее од 2012-та, со цел да избегне екстрадиција во Шведска каде се соочува со обвиненија за сексуален напад.

Шведска подоцна ги отфрли обвиненијата, но Асанж продолжи да живее во амбасадата поради стравувањата дека може да биде екстрадиран во САД, баран за сериозни обвинувања за објавување строго доверливи владини документи на Викиликс.

Полицијата во Лондон го уапси поради „непојавување на суд во јуни 2012-та“, откако еквадорската влада му го одзема азилот на Асанж.

Претседателот на Еквадор Ленин Морено во видео-соопштение ја објасни одлуката дека „однесувањето на Асанж ги наминало сите граници“.

Тој наброи неколку престапи од Асанж за време на престојувањето во нивната амбасада во Лондон како инсталирање на недозволива електронска опрема, попречување на безбедносните камери, лошо однесување кон обезбедувањето на амбасадата, и пристап до безбедносни документи во амбасадата без претходна дозвола.

Преку Твитер, Викиликс соопшти дека Еквадор „нелегално му го прекинал политичкиот азил на Асанж и ги прекршил меѓународните закони.“