Симовски ја престави Методологијата за подготовка, организација и спроведување на пописот

Сподели

 

Директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски денес ја престави Методологијата за подготовка, организација и спроведување на пописот во април.

За спроведување на пописот е избран комбинираниот метод, односно ќе се користи комбинација на податоци добиени на терен преку индивидуално попишување, со податоци од претпописна статистичка база на податоци која содржи податоци добиени од постоечки регистри кои се поврзани со користење на единствниот матичен број (ЕМБГ) на граѓанинот.

Во пописот ќе учествуваат Државниот завод за статистика, Советот за статистика, Комисиите за прописни реони, а ќе има и 150 државни инструктори, 500 реонски инструктори и 5.500 реонски попишувачи.

– Комбинираниот метод за спроведување на пописот има свои предности. Тоа е намалување на потребното време за прибирање на податоците, намалување на трошоците за пописната операција, намалување на потребното време за обработка на податоците, како и многу повисоко ниво на квалитет на податоците од пописот. Со овој метод ќе се користат и претпописни бази на податоци од МВР, МИОА, Агенцијата за вработување, МОН, Агенцијата за катастар и многу други државни институции. Во пракса тоа значи дека попишувачите кои ќе одат на терен, ќе користат лап-топ компјутери, кои ќе бидат поврзани на посебно развиена веб-апликација. Системот содржи модул за администрација на корисници, модул за адресни податоци, за податоци за зграда, за стан, за список на лица, податоци за домаќинства, како и за управување со валидациски правила – рече Симовски.

– Пописот ќе го опфати вкупното резидентно население и вкупното нерезидентно население. Резиденти се оние државјани со место на живеење во земјава, без оглед на тоа дали во моментот на пописот тие се наоѓаат во местото на живеење или на друго место во државата. Резиденти се и лицата странци кои престојуваат во Северна Македонија подолго од 12 месеци, а истото важи и за македонските државјани кои во времето на пописот живеат во странство помалку од 12 месеци. Во оваа категорија спаѓаат и бегалците кои се присутни во земјава подолго од една година. Под нерезидентно население спаѓаат жителите на Северна Македонија кои поради работа или поради друга причина се во странство повеќе од една година. Нерезидентни се и лицата странци кои престојуваат во државата до 12 месеци со одобрение за привремен престој – објасни Симовски.

Основната цел на пописот ќе биде да се утврди бројот на населението и неговиот територијален распоред и  да се добијат податоци за виталните, образовните, економските, етничките, миграциските и другите белези на населението. Пописот е основа за процена на бројот и на движењето на населението во меѓупописниот период, како и за долгорочни проекции на бројот на населението во иднина. Со пописот ќе се прибираат податоци и за лицата отсутни во странство над 1 година, со цел да се добијат порелевантни податоци  за бројот на отселените лица од земјата.

Пописот треба да се спроведе од 1-ви до 21 април годинава. Електронската апликација со која ќе се врши попишувањето функционира на 7 (седум) јазици: македонски, албански, турски, ромски, влашки, српски и босански. Во пописот ќе има графи за етничка припадност, верска припадност и за мајчин јазик. Методологијата содржи прецизни решенија за сите аспекти од пописот, па има и одредба како ќе се попишува граѓанин кој престојува земјата 11 месеци и 29 дена, што е границата по која не може да се најде во резидентните граѓани.  

На новинарско прашање како ќе се попишуваат лицата коишто живеат надвор од земјава, Симовски наведе дека тоа ќе се прави на два начина.

– Првиот начин е самопопишување преку онлајн апликација, а вториот начин е некој друг во земјава да даде податоци за лицето кое живее во странство. Во денешно време е многу лесна и евтина комуникацијата со луѓе надвор од земјава, па тоа значи дека податоците за нив лесно може да се приберат – рече Симовски.