Вести Македонија Став

„Сите лица на револуцијата“ – Стефан Солев

Сподели:

 

Говорот „Сите лица на револуцијата“, на студентот на Економскиот факултет при УКИМ, Стефан Солев, го освои првото место на 23-тите Ораторски вечери кои се одржаа на Правниот факултет „Јустинијан Први“.

Радио МОФ интегрално го пренесува победничкиот говор на Солев:

„Сите лица на револуцијата“

Пред речиси четири години, среде темнината и чадот на валканите скопски улици, во Македонија блесна пламен. Беше тоа оганот на надежта, распламтениот бес на револтот и се чинеше, конечно осветлува една посветла иднина. Со месеци, секојдневно, стотици граѓани поведоа бескомпромисна борба. Борба против корумпираниот, дисфункционален систем и сите оние кои тогаш го пијавичеа. Битка налик онаа од Тешкото, на оној “јад од векови собран” кој “поведе бујно, бунтовничко оро”. Не, можеби не беше “танец низ крвје и огон”, но беше игра на боја и бес. Беше “револуција” од која се гордеев да бидам дел.

Но, обратно од она што обично бидува, кај нас децата нејзини ја изедоа револуцијата. Оние кои ги гласавме за да ги казнат криминалците, не само што ги амнестираа, туку и даваат се од себе да ги надминат. Оние кои се бореа под паролата “нема правда, нема мир”, едвај дочекаа да ги погазат нашите основни права на национален идентитет за да купат мир со ненаситните соседи. Единствената вистинска промена е кај новинарите. Оти сега, наместо дресирани лавчиња, тие се поткастрени рози во градина. Додуша програмата сепак остана иста. На неа се уште се вртат истите големи, независни експерти и аналитичари (инаку свежо излезени од штабовите) кои на 30 години верглање, една работа не погодија.

Па како, почитувани, целава работа на човек да не му изгледа на една обична претстава. На една лакрдија, гротеска, каде очајниве актери постојано ги менуваат маските, ама никако да ја сменат улогата. Сите тие 30 години зборуваат за рајски градини, дури ние тонеме подлабоко во мочуришен гнилеж. Устите им се полни со реформи, правда и прогрес, а делата им се неспособност, корупција и ароганција. Од грандиозните ветувања за претстава од светски калибар, остана оваа наша трагикомедија. Последна на европскиот театар.

А сепак, според мене, не се највиновни актерите, туку нивната публика. Оти НИЕ сме тие кои 30 години ги фалиме и кога грешат, им ракоплескаме дури не газат, молчиме и кога не боли. Зошто? Па затоа што чекаме да не вработат позади сцената. Затоа што не не интересира ниту политика, ниту правда, а богами изгледа ни смогов во кој се гушиме. Затоа што испаѓа лесно било да се иселиме. Или барем полесно одошто да излеземе на протест. Дефинитивно, нашиве очајни актери, не можеа да најдат посовршена публика од нас.

Но зошто, драги мои согледачи, зошто им дозволуваме? Зарем не сфаќаме дека ние сме не само безгласна публика, туку и рецезентите, критичарите, па и потенцијалните глумци? Ние им дозволивме да ја однесат драмата во ќор-сокак, но гледајте! Ние сме и тие кои се уште можат да ја спасат! Единствено наше е правото да ги качуваме и симнуваме од сцената, единствено наша е потребата да живееме во убава приказна и единствено наша е возвишената одговорност да го казниме секој престап и злодело.

Затоа, почитувана публико, разбудете се! Наша е моќта, НИЕ сме суверените. Да ги оставиме летаргијата и очајот, зашто ви велам, се уште не е доцна за пресврт во драмата! Изгаснете го телевизорот, кренете го гласот и еднаш засекогаш да им го свртиме грбот на сите оние кои три децении ја поганеа приказната.

Затоа, почитувани, Шарената Револуција не беше предавничка, туку предадена. Трагедијата за Македонија не е што таа се случи, туку што беше злоупотребена. Оти само “народ во листена гора” може да го скрши овој синџир на робја. Во спротивно, само знајте, зимата иде по летното сонце, а мразот го ништи дури и пирејот.”

radiomof.mk

Сподели: