“This is Herstory” на Илина Арсова на прво место на меѓународниот филмски фестивал за планински филм

Сподели
На меѓународниот филмски фестивал за планински филм кој се одржа во Прага на 30. ноември, нашиот документарен проект This is Herstory на Илина Арсова, го освои 1-то место во категорија планински спортови. Фестивалот има  патувачки и натпреварувачки карактер и оваа година обиколи 67 места во Р. Чешка и Словачка. https://www.outdoorfilms.cz/o-festivalu/
Филмот  This is Herstory  е реализација по идеја на Илина Арсова и ги овековечува приказните на 3 девојки од Балканот кои преку спорт ги менуваат стереотипите и пишуваат историја во своите заедници. Аргиро Папатанасиу од Грција, Ута Ибраими од Косово и Илина Арсова од Македонија низ 15 минутна приказна каде се спојуваат спортот и уметноста, тие раскажуваат за своите соништа и патот да стигнат до нив.
Филмот плени со прекрасни пејзажи видени низ објективите на Горан Кузмановски – Кузето кој во чекор ги следеше девојките од сите перспективи, како и магичните кадри на камерманот Рашко Раков од соседна Република Бугарија. Режисерската улога му беше доверена на Игор Христов кои ги оформи приказните во правец на за него препознатливиот магичен реализам.  Авторката и продуцент на овој проект Илина Арсова беше одговорна за  дизајнот, дел од сценариото и нарацијата што се работеше во соработка со другите протагонистки, а за конечниот резултат заслужен е младиот монтажер Дејан Смилески кој деноноќно работеше на монтажата, звукот и анимацијата во филмот.
Проектот е финансиран од Глобалната Спортска менторска програма на Стејт Департментот на САД, каде Арсова доби менторски престој и е алумна од 2012 година.
Филмот е дел од поширока платформа за промовирање родова еднаквост и зајакнување на жените преку спорт. Повеќе информации, интервјуа и дел од филмовите, може да најдете на веб страната www.herstory.pro и на социјалните мрежи Facebook / Instagram: Herstory.pro
На својот фб профил Илина Арсова напиша: “Честито екипо нека ни се множат!”