Скопје одбележува 63 години од катастрофалниот земјотрес

Сподели:

На 26 јули 1963 година во 05:17 часот, Скопје било разурнато од земјотрес со 9 степени по Меркалиевата скала (MCS), односно магнитуда од 6,1 степени и длабочина од 5 до 7 км. Главниот потрес траел 20 секунди, а помали потреси имало до 5 часот и 43 минути. Скопскиот земјотрес се почувствувал на простор од околу 150.000 квадратни километри, најсилно низ долината на реката Вардар (5-6 степени), но и низ цела Македонија (4-5 степени), па и во соседните држави. Од потресот биле урнати 15.800 станови, а оштетени 28.000. Над 200.000 луѓе останале без покрив над глава. Под урнатините животот го загубиле 1070 негови граѓани, а биле повредени над 4000 граѓани.

Денес се навршуваат 63 години од катастрофалниот скопски земјотрес кој се случи на 26 јули 1963 година.

скриншот

Првата помош за граѓаните на Скопје дошла од војската и граѓаните на тогашните југословенски републики. По неколку дена почнала да пристигнува помош и спасувачки екипи од целиот свет. Дури 87 држави во светот испратиле помош во Скопје и помогнале тој да се изгради повторно, поради што градот го носи и епитетот „град на солидарноста“.

“Скопје доживеа невидена катастрофа, но Скопје повторно ќе го изградиме со помош на целата наша заедница тоа ќе стане гордост и симбол на братството и единството на југословенската и светската солидарност” – изјави претседателот на СФРЈ, Јосип Броз Тито.

Старата железничка станица денес е Музеј на Град Скопје и претставува симбол на големиот земјотрес. Часовникот на станицата е засекогаш сопрен на фаталните 5 часот и 17 минути изутрина.

Денска со почеток во 19:30 часот, во Музејот на град Скопје ќе се отвори изложбата „63 ГОДИНИ – СКОПЈЕ 63“. Автор на изложбата е Зоја Богдановска, кустос советник историчар.

Изложбата е подготвена по повод 63-годишнината од катастрофалниот земјотрес кој се случил во Скопје на 26 јули 1963 година и е дел од културната манифестација „Одбележување на 26 јули – денот на катастрофалниот земјотрес во Скопје во 1963 година“.

Темата на изложбата е 26 јули, денот на катастрофата. Централното место го заземаат луѓето – сведоци на настанот, нивните емоции, борбата за спасување на сопствениот живот, животите на своите најблиски, како и спасување на животите на своите сограѓани. Текстот на авторот ја следи приказната за изложбата, збогатена со автентични фотографии од првите мигови на катастрофата. 5 часот и 17 минути ќе биде почеток на животни приказни што ќе бидат запишани, некои прераскажани, а други заборавени, бидејќи нема да има кој да ги раскаже. Улиците, плоштадите и парковите станаа засолништа за луѓето во тоа несекојдневно и страшно утро.

Изложбата станува дел од новосоздадена постојана поставка сместена во влезната сала во Музејот на град Скопје, нагласувајќи го значењето на музејската зграда како зграда прогласена за споменик на културата во спомен на земјотресот од 26 јули 1963 година.

Сподели: