Скопскиот Градски Фестивал во 2026 година го одбележува своето седмо издание и продолжува да ја развива својата програмска определба за поврзување на домашните уметници со автори и изведувачи од регионот. Фестивалот е препознатлив по внимателно селектирана програма, оригинални концертни концепти и висок продукциски стандард.
Оваа година програмата е посветена на музичкиот и културниот дијалог меѓу Македонија и земјите од регионот и ќе се одржи од 18 до 25 септември.
Во фестивалската програма ќе учествуваат уметници од Македонија, Словенија, Албанија, Грција, Црна Гора и Бугарија.
Програмата ги обединува џезот, класичната музика, современите авторски композиции и музичкото наследство на Балканот.
Програма:
18 СЕПТЕМВРИ МИЛЈАНА НИКОЛИЌ – „БАЛКАНСКИ КОМПОЗИТОРИ“
Вечер посветена на музичкото творештво на современи балкански композитори, во изведба на младата пијанистка Милјана Николиќ. Таа е добитничка на повеќе меѓународни награди и активен учесник на фестивали во регионот и Европа. Во својата програма „Балкански композитори“, Николиќ ги интерпретира делата на современи автори од регионот, создавајќи интимен дијалог меѓу класичната форма и модерниот балкански звук.
МУХАМЕД ИБРАХИМИ
Мухамед Ибрахими, миленикот на скопската публика, е мултиинструменталист со автентичен авторски потпис, кој на гитарата, мандолината, сазот и другите жичани инструменти пристапува со интуиција и слобода, спојувајќи блуз, рок, амбиентални елементи, ориентална (суфи) традиција и балкански фолклор.
Овој концерт е навистина уникатна можност за искрено музичко доживување.
19 СЕПТЕМВРИ АНТОНИО ИЛИОСКИ И ЈАНА ВАСИЛЕВА ЛОЛОВА
Македонскиот виолончелист Антонио Илиоски и бугарската пијанистка Јана Василева Лолова го формираат своето сонатно дуо во 2024 година.
Нивната соработка ги поврзува македонската и бугарската музичка традиција и претставува пример за тоа како младите уметници преку заедничка работа создаваат нови професионални и културни врски во регионот.
Со настапи на повеќе фестивали, дуото спојува младешка енергија, техничка зрелост и современ пристап кон класичната музика.
20 СЕПТЕМВРИ МАРТИН ЃАКОНОВСКИ, GENT RUSHI И THANOS STAVRIDIS
Меѓународно афирмираниот македонски контрабасист Мартин Ѓаконовски ќе настапи со албанскиот пијанист и композитор Gent Rushi и грчкиот хармоникаш Thanos Stavridis.
Тројцата музичари, преку џезот, етномузиката и медитеранските влијанија, создаваат оригинален музички јазик што ги поврзува различните култури и традиции на Балканот.
Нивната соработка е директен пример за вредностите што ги застапува фестивалот: отвореност, културна размена, взаемно почитување и создавање нова уметничка вредност преку регионално поврзување.
25 СЕПТЕМВРИ ВАСКО АТАНАСОВСКИ И PROFUNDUS
Словенечкиот саксофонист и композитор Васко Атанасовски е еден од најпрепознатливите современи музичари од Словенија, со богата концертна и дискографска кариера на регионалната и европската сцена.
На Скопскиот градски фестивал ќе настапи заедно со ансамблот Profundus, составен од истакнати македонски класични музичари со долгогодишно искуство на домашната и регионалната сцена.
На концертот ќе бидат изведени авторски композиции на Атанасовски, како и дела инспирирани од богатата балканска музичка традиција.
Сите концерти започнуваат во 20 часот во камерната сала на Филхармонија.
Скопски Градски фестивал е поддржан од: Град Скопје, Триглав Осигурување и НЛБ Банка.
Медиумски партнер: Слободен печат
Влезниците можат да се набават онлајн на платформата www.wayin.mk


