Со фестивалот РУТА започнува новата сезона на Драмски театар

Сподели

 

Во Драмски театар од 3 до 8 октомври ќе се одржи театарскиот фестивал „РУТА“, кој претставува Регионална унија на театри, составена од шесте театарски куќи од регионот, МГЛ Љубљана, Театарот Улисис, Загреб, Камерен театар 55 од Сараево, Градски театар од Подгорица, Драмски театар од Скопје и Белградско драмско позориште.

Фестивалот ќе биде отворен со премиерна изведба на претставата „Фирма“, во продукција на НУ Драмски театар – Скопје, во режија на Нела Витошевиќ, потоа на 4 октомври ќе се одигра претставата „Декамерон“ – Градско позориште Подгорица, Црна Гора, во режија на Дејан Пројковски, ден потоа претставата „Нора“ – Местно гледалишче Љубљана, Словенија, во режија на Нела Витошевиќ, на 6 октомври „Син“ – Камерни театар 55, Босна и Херцеговина, па „Самрак на боговите“ – Београдско драмско позориште, Србија, во режија на Јагош Марковиќ и за крај на 8 октомври фестивалот ќе биде затворен со претставата „Отело“, во продукција на Театар Улисис, Хрватска, во режија на Оксана Дмитриева.

Според в.д. директорката на Драмскиот театар, Викторија Рангелова Петровска, претставите ќе започнуваат од 20 часот, а по секоја претстава ќе се организираат тркалезни маси, кои ќе бидат отворени за јавноста, каде што публиката ќе има можност да се запознае со актерската екипа, да се поставуваат прашања и да се отвори дискусија за претставата.

Инаку во текот на една календарска година ќе се одржат шест фестивали во сите земји-членки на унијата. Секој театар може да настапи со претстава по сопствен избор. Фестивалот има ревијален карактер и една од целите е во текот на годината да се задржи континуираното присуство на овие театри пред домашната публика.