Вести Македонија Ударни вести

Собранието не ја прифати интерпелацијата за работата на Никола Димитров

Сподели:

 

Со 55 гласови „против“ и 53 гласови „за“, Собранието на Република Северна Македонија не ја прифати интерпелацијата за работата на заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров што ја поднесоа група пратеници од ВМРО-ДПМНЕ.

Во своето завршно обраќање вицепремиерот за европски прашања Димитров истакна дека излагањата на пратениците од опозицијата, темите и личните напади само ја потврдија тезата дека интерпелацијата немаше врска со неговата работа и дека сепак остана само политички театар.

„Одговорив за учеството во Комисијата, не бев уредно поканет и не морав да присуствувам. Сепак се согласив и сакав да учествувам онлајн и покрај несериозниот однос на претседателот на Комисијата за надворешна политика. Објаснив за разликите во мојот пристап кон јавноста, во моите меѓународни активности, кој е чесен и успешен за разлика од оној на опозицијата, кој не баш чесен и дефинитивно е неуспешен“, нагласи заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров од собраниската говорница.

Во ова свое обраќање тој истакна дека некои мудри рекле дека кога напаѓате некого, критикувате некого, посебно лично, тоа повеќе зборува за оној што напаѓа.

„Нападите дека зад одлуките донесени во интерес на македонските национални интереси се кријат мотиви за богатство и моќ повеќе се однесуваа на тие за кои што татковината е „тезга“ а не повик. За мене татковината е „мисија“ и повик. На крајот не гледам што да додадам, и ќе повторам дека се чувствувам „пожарникар“ кој е ставен во позиција да му се правда на „пироманот“. Сметам дека тоа нема поента, и е дури и дрскост. Јас ќе продолжам со мојата „мисија“ за да нѐ биде, и ќе нѐ биде, и покрај сите пречки, вклучувајќи ги тука и вашите напори како овој денешниот“, потенцираше заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров во завршното обраќање на седницата за интерпелација за неговата работа која со мнозинство гласови на пратениците не беше прифатена.

Сподели: