Собранието со 68 гласови „За“ ги изгласа прeдложените заклучоци за францускиот предлог

Сподели

 

Со 68 гласови „За“ Собранието ги усвои предложените заклучоци со кој се задолжува Владата да го продолжи процесот за прием во ЕУ, а пратениците од власта со знамињата на Македонија и на ЕУ,  станаа и со аплауз го поздравија овој потег.

 

 

Пратениците од опозицијата не присуствуваа во собраниската сала за време на гласањето.

Во меѓувреме, група на граѓани протестираат пред законодавниот дом против францускиот предлог со транспаренти и извици на негодувања. 

Со тоа, Собранието на Македонија ги прифати предлог-заклучоците поднесени од пратениците Јован Митрески од СДСМ и Арбер Адеми од ДУИ.

Во последното обраќање пред гласањето координаторот на пратеничката група на СДСМ, истакна:

„Македонската иднина е европска, со македонски јазик, култура, идентитет и историска посебност. Доста беа делби и поделби, доста беа делби и подбели на македонскиот јазик. Ние Македонците заедно со нашите сограѓани и Албанци и Турци и Роми и Власи и Срби и сите останати ќе продолжиме да се движиме напред кон европската иднина.

Пред нас е историска одлука да го продолжиме европскиот пат, да продолжиме кон членство во ЕУ како Македонци кои зборуваат свој македонски јазик, Македонци со свој посебен идентитет“, порача Митрески.

Митрески посочи дека не е првпат пратениците од ВМРО-ДПМНЕ да ја напуштаат салата на Собранието кога се носат важни одлуки и ги повика да се применат и да мислат на граѓаните.

„Не е првпат пратениците од ВМРО-ДПМНЕ да бегаат од салата. Зборуваа против Договорот за добрососедство и избегаа, зборуваа против Преспанскиот договор и избегаа, зборува против промена на Уставот и избегаа. И денеска и овие два дена не зборуваат туку свират затоа што сите нивни лаги се потопени, затоа што немаат поддршка од граѓаните кои грубо ги излажаа.

Но, без разлика на сѐ, ги повикувам нека преспијат, нека си ги анализираат своите грешки и нека се променат. Нека не остануваат во минатото, нека мислат за иднината и подобар живот на сите граѓани“, порача Митрески во своето обраќање.

Со усвоените предлог заклучоци и се даваат насоки на Владата за што може да преговара со Европската унија.

Со заклучоците се бара безусловно почитување на јазичните, идентитетските, културните и историските особености на нмакедонскиот народ. Се задолжува владата во преговарачката рамка македонскиот јазик да биде наведен без какви било дадовки и фусности и во текот на преговорите, владата да не прифати да разговара за поинакво решение за македонскиот јазик од тоа наведено во преговарачката рамка.