Министерот за култура и туризам, Седат Сулејмани, заедно со градоначалникот на Општина Чаир, Изет Меџити, и претставници на општината, во рамките на официјалната посета на Република Турција, во Анкара оствари средба со заменик-министерот за култура и туризам на Турција, Надир Алпарслан.
Делегацијата беше придружувана од поранешниот градоначалник на Бурса, Реџеп Алтепе, и поранешниот заменик-генерален секретар на Град Бурса, урбанистот Бајрам Вардар.

Во фокусот на средбата беше можноста за институционална соработка во изработката на сеопфатен проект за реставрација и заштита на Старата скопска чаршија, како еден од најзначајните споменици на културното наследство и симбол на заедничката повеќевековна историја и култура.
Во текот на разговорите, двете страни изразија заемна подготвеност за соработка и се договорија за подготовка на мастер-план, како и за формирање советодавен одбор, кој ќе служи за координација на активностите и утврдување на понатамошните чекори во реализацијата на овој проект.
Министерот Сулејмани ја истакна важноста од зачувувањето на автентичноста и историските вредности на Старата скопска чаршија, оценувајќи дека соработката со турските институции и нивното искуство во реставрацијата на историските градски јадра претставуваат значајна можност за заштита и одржлив развој на овој културен комплекс.
Посетата претставува значаен чекор кон конкретизирање на меѓуинституционалната соработка и воспоставување координиран пристап за реставрација, заштита и промоција на Старата скопска чаршија.


