Состанок на Комитетот на УНЕСКО – зачувување на статусот на Светско културно наследство на Охрид

Сподели

 

Делегација на Владата ќе учествува на 43. сесија на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО, во Баку, Азербејџан, на која ќе се дискутира за состојбата со природното и културното наследство во Охридскиот регион.

Делегацијата, што ја предводи министерот без ресор Едмонд Адеми, а во која се и заменик министерот за надворешни работи Андреј Жерновски и градоначалникот на Охрид, Константин Георгиевски, за време на сесијата на Комитетот, ќе се сретнат со високи претставници на Центарот за светско наследство на УНЕСКО, со делегациите на земјите членки меѓу кои Кина, Бразил, Босна и Херцеговина, како и со претседавачот на Комитетот д-р. Абулфас Гарајев, министер за култура на Азербејџан.

Делегацијата ќе се сретне и со колеги од Албанија, заради договарање понатамошмна соработка за заштита на Охридското Езеро и неговотo опкружување.

„За време на 43-тата сесија на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО, Владата на Република Северна Македонија ќе го нагласи и афирмира ставот дека e комплетно посветенa на зачувување на статусот на Светско културно наследство на Охридскиот регион, кој не ѝ припаѓа само на Северна Македонија, туку на целиот свет“, порачува Владата во соопштение за медиумите.