Совет на амбасадори: “Францускиот предлог” ги цементира и гарантира македонскиот јазик и идентитет

Сподели

 

Советот на амбасадори смета дека од клучно значење за иднината, стабилноста и просперитетот на државата е да се се соочиме со предизвиците и храбро да зачекориме кон Европската унија.

„Во минатото почнувајќи од одржувањето на референдумот за независност, потоа влезот на нашата држава во ООН под референцата, преку усвојувањето на Охридскиот договор и реформите кои следеа во државата, како и усвојувањето на Преспанскиот договор, нашите граѓани, напредната интелигенција, политички партии и раководства и НВО донесоа правилни и историски одлуки со кои се трасираа нашите евроатлански интеграции“ се вели во соопштението од Советот на амбасадори.

Оттаму велат дека неопходно е да се прифати европскиот компромис бидејќи тоа е важен чекор кој ќе ја приближи Северна Македонија кон членство кон ЕУ и со тоа ќе биде надмината блокадата од Бугарија.

„ Свесни сме дека компромисите понекогаш се болни отстапки, свесни сме дека во дипломатските преговори никогаш не се постигнува апсолутна сатисфакција на која било страна, но најзначајно за нашите граѓани е тоа што со „францускиот предлог“ се зацементирани и гарантирани македонскиот јазик и идентитет од страна на ЕУ“, велат од Советот на амбасадори.

Во дописот велат дека се убедени оти ЕУ и нејзините институции ќе бидат на висината на европските критериуми и вредности и нема да дозволат наметнувања на евентуално дополнителни интерпретации на тешко постигнатиот компромис.